Економија 03. август 2020. / 14:39

Погребалните услуги се бизнис што врти милионски суми

Погребалните услуги се бизнис што врти милионски суми

Поради својата природа, погребалните услуги се услужна дејност за која воопшто не се зборува ниту се пишува. Сепак, и тоа е бизнис, кој во најголем дел го работат општински комунални јавни претпријатија. Но има и приватни фирми, а една скопска компанија дури и покажува дека тоа е бизнис во кој се вртат милионски суми и тоа во евра, пишува „Фактор“.

Смртта е феномен – единствената мистична сила која човекот не може да ја победи и веројатно единствената од која се плаши секој човек.

Фасцинацијата со мистичната сила на смртта е присутна од создавањето на човештвото до сега, времето во кое живееме ние современите луѓе. Дури и најсовремените науки во најразвиените земји немаат објаснување ниту решение за овој феномен што и покрај сето досега акумулирано знаење нас луѓето не прави несоврешени суштества.

Во приземната смисла на нашето битисување и опстојување смртта е бизнис. А таков бизнис има во сите земји на светот, а нашата Македонија не е исклучок од тоа. „Фактор“ прави обид да креира ранг листа на компании кои се занимаваат со тој бизнис кој во номенклатурата е дефиниран како „Погребни и слични дејности“. Притоа, рангирањето опфаќа само приватни компании кои се регистрирани за таа дејност, а не се вклучени општински јавни претпријатија кои се регистрирани и за други комунални дејности меѓу кои се погребалните услуги.

Бутел погребален сервис е најуспешната македонска компанија во дејноста погребни и слични дејности. Ова друштво лани остварило приходи од оваа дејност во износ од 2 милиони евра и по тоа е убедливо најголемо од сите вакви приватни претпријатија. И неговиот бизнис лани пораснал за 8 отсто во однос на 2018 година. Профитот на Бутел погребален сервис е 132.000 евра и е за 83 отсто поголем од претходната година.

АД Бутел е втората скопска голема погребална компанија поврзана со Бутел погребален сервис. Ова друштво лани остварило приходи од 1,6 милиони евра што е раст за 9 отсто во однос на 2018 година. Кај него профитот лани достигнал 50.000 евра.

Иако далеку помал приход од приватните активни компании регистрирани за оваа дејност, најблиску до скопските гиганти е битолската компанија Пурин. Лани нејзините приходи изнесувале 241.000 евра, а пораснале за 5 отсто во однос на претходната година. Профитот на друштвото изнесува 14.000 евра.

Кумановската компанија регистрирана за оваа дејност е Боби М и нејзниот приход лани изнесува 157.000 евра, а добивката е само 7.700 евра.

На листата има уште три компании од кои по една во Скопје, Прилеп и во Кавадарци. Скопската компанија е Рајски дом и лани ја завршил со добивка од 500 евра, а приходот бил 72.000 евра. Кавадаречката компанија се вика Хумка и лани остварила приход од 72.000 евра исто како и прилепски Бел фаст. За разлика од кавадаречката компанија, прилепската фирма завршила со добивка од 750 евра.