Економија 04. април 2018. / 10:21

Подготвен колективниот договор за вработените во културата

Подготвен колективниот договор за вработените во културата

Министерството за култура ја известува јавноста дека нацртот на колективниот договор за вработените во културата е подготвен, откако во претходниот период се одржаа повеќе средбии консултации со претставниците на синдикатите и на установите во културата за решавање на најургентните потреби и проблеми што произлегуваат од работниот однос на уметниците и другите вработени во културата.

Имајќи предвид дека претходниот колективен договор е истечен во 2008 година и дека оваа сфера беше запоставена повеќе години, Министерството за култура интензивно работеше на овој процес, спроведувајќи анализа на состојбите, консултации со МИОА, со претставници на синдикатите и установите, а се формираше и Работна група, која го подготви нацрт – колективниот договор за култура, со кој целосно ќе се преуреди начинот на утврдување на платите на вработените во установите, а ќе се решат и други отворени прашања поврзани со правата на вработените.

Меѓу другото, договорот ќе го регулира надоместокот на трошоци за превоз од и до работното место за поголеми растојанија без редовен јавен превоз, потоа за надомест за теренска работа надвор од установата во надворешни и тешки услови, како и за надоместоци за дополнителни работи што произлегуваат од матичноста на установата. Договорот содржи и нови одредби за работно време, одмори и отсуства, одредби за безбедност и здравје при работата, како и одредби за платено отсуство при изработка на магистерска работа, докторска дисертација, уметничко доусовршување и учество на конгреси, семинари и конференции.