По притисокот од јавноста, денеска е донесена одлука за да се повлече Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини кој беше поднесен до Собранието по скратена постапка.
Предлагачот – Министерството за економија одлучи да го повлече Предлог- законот со цел за негово доработување и усогласување со забелешките изнесени во барањето и потоа повторно да го достави за донесување по редовна постапка.
Ваквата одлука доаѓа откако 48 граѓански организации, високообразовани институции и медиуми јавно побараа од Министерството да се вклучи експертската јавност и сите заинтересирани граѓани во процесот на креирање и усвојување на законот и да им овозможи да дадат предлози за подобрувања на законскиот текст.
Од министерството велат дека увиделе оти дел од забелешките за одредби од Законот за минерални суровини се погрешно толкувани или нецелосно разбрани за што сакаат точно да ја информираат јавноста за истите.
Граѓанските институции пак, сметаат дека можностите за какви било недоразбирања и недоречености во врска со законските измени ќе бидат минимални, само доколку процесот на донесување на Законот е јавен и инклузивен.
„Законските измени се потребни, но тие мора да се донесат во редовна собраниска процедура. Потребното интегрирање на нови, усогласени и урамнотежени решенија во законскиот текст е единствено можно само после широка експертска и јавна дискусија. Со ставање на нов усогласен предлог-закон во редовна собраниска процедура, односно, со негово јавно објавување на ЕНЕР, со две читања во Собранието на РСМ и со одржување собраниска јавна расправа, дополнително ќе се обезбеди тој да биде усвоен низ отворен и транспарентен процес со вклученост на сите засегнати страни“, велат од иницијативата.
Оттука, од иницијативата очекуваат дека Министерството ќе ги обезбеди сите потребни мерки со кои ќе се обезбеди правото на јавноста да учествува во донесувањето на Законот за минерални суровини.