Економија 08. август 2019. / 19:32

Почната постапка за реновирање на 34 здравствени установи

Почната постапка за реновирање на 34 здравствени установи

Министерството за здравство почна постапка за реновирање 34 здравствени установи и набавка на опрема за нивните потреби.

На 6-ти овој месец, како што информираат од Министерството, е објавен тендер за градежно-занаетчиски услуги за тековно одржување на здравствените објекти и набавка на болнички кревети и ТВ приемници за потребите на 34 здравствени установи во земјата.

Со цел зајакнување на капацитетите на здравствениот систем, Министерството иницира активност за подобрување на условите во здравствените домови и другите објекти од здравството – стои во соопштението.

Со цел да се подобрат условите во примарните здравствен установи ќе се направи комплетно молерисување на сите внатрешни простори со материјали и бои што се користат за ентериери во болници и други јавни простории и истите овозможуваат соодветно одржување и чистење, поправка и репарирање внатрешни врати и прозорци и замена на ѕидни и подни плочки и замена на галанетрија во тоалети, како и набавка на нови болнички кревети и телевизори во болничките соби.

Со реновирањето на здравствените установи низ целата држава, на медицинскиот персонал ќе им овозможиме подобри услови за работа, но и подобри и подостоинствени услови на пациентите за престој во болница – наведуваат од Министерството за здравство.

Од Министерството ги повикуваат сите заинтересирани економски оператори што имаат интерес за учество да ја погледнат целокупната документација во Електронскиот систем за јавни набавки.