Народната банка ги известува сите правни лица кои ги одржуваат машините за обработка на пари и автоматите за наплата со готовина на територијата на Македонија, дека по 15 мај ќе почне периодот во кој ќе можат да ги приспособат софтверите за да ги препознаваат карактеристиките и заштитните елементи на полимерните пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари.
Од НБРМ наведуваат дека доколку правните лица не се во можност од деловните банки да обезбедат соодветни примероци од полимерните пари за потребните софтверски приспособувања, можат да се обратат до Дирекцијата за трезорско работење на НБРМ каде што ќе им бидат обезбедени потребните количини од полимерните пари.
Потсетуваме дека и во периодот на надградбата на автоматите за наплата со готовина,односно нивното софтверско приспособување, граѓаните ќе може непречено да остваруваат плаќања преку овие автомати со кованите пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари, кои и по 15 мај остануваат во оптек и се законско средство за плаќање во Македонија.
МИА