Економија 29. септември 2018. / 17:53

Платата официјално расте, животниот стандард не се менува

Платата официјално расте, животниот стандард не се менува

Просечната нето плата сега изнесува 24 илјади денари. Според државната статистика, ова значи дека во јуни е забележа раст од 6,2 отсто на годишно ниво. Граѓаните пак велат дека и натаму им е ниска куповната моќ и стандардот.

Велат дека тешко се живее и дека обичниот работник е далеку од просечните примања. На своја кожа се уште не ги почуствувале промените во квалитетот на животот.

„Тоа се вика во просек јадеме гулаш, ама едниот јаде компири, а другиот месо. Така ти е и ова, некој зема 80 , 90 илјади плата а некој 15 . Кога ќе ги соберете излага просекот.“ „Одамна само ветуваат, но политиката е само лага, народот е овца за шишање . Повеќе никој на никого не верува. ( колку пари ни требаат за еден месец?) Па да речеме до 33 илјади денари да може убаво да се помине. Да се плати и струја и вода и телефон, а да има и за мода. Трошоците за факултети се поголеми од оние за живеачката. “

„Мене ми е просек пензијата 18 илјади денари , а за јадење сигурно одат 15. И многу малку остануваат за да се платат давачките, струја, вода. ( за внуците има нешто?) Многу малку, многу – многу малку. Човек да се страми што не може да им даде“, реагираат анкетираните жители.

Официјалните бројки покажуваат дека најголем скок на платите има во рударскиот сектор од 26 отсто. Вработените во комуникацискиот сектор имаат раст на платите од 15 отсто, додека работниците во сервисните дејности имаат зголемена плата за 12 отсто. За разлика од нив, забележано е намалување на платите кај вработените во трговијата на големо и мало , кај поправувачите на моторни возила , како и кај преработувачката индустрија.

Помеѓу петте топ најплатени професии во земјава на врвот се програмерите , кои месечно заработуваат над 1.000 евра. Веднаш под нив, со околу пеесетина илјади денари месечна плата се вработените во воздухопловниот сектор, под нив, како трето и четврто место се вработените во финасискиот и осигурителниот сектор. А, првата петорка најплатени професии ја комплетираат фармацевтите.

Минималната синдикална потрошувачка кошничка изнесува 32 илјади денари. Ова значи дека доколку во семејството има само еден вработен кој има просечна плата, ќе им недостасуваат осум илјади денари за набавка на основните животни потреби. Во синдикалната потрошувачка кошничка влегува набавката на храна, пијалоци, лекови, подмирување на режиските трошоци, за превоз, посета на културни манифестации, купување на облека како и на лекови.