Економија 25. септември 2018. / 15:19

Петер: Можна дестабилизација на денарот ако не бидете дел од ЕУ – Заев негира

Петер: Можна дестабилизација на денарот ако не бидете дел од ЕУ – Заев негира

Губење милијарди евра финансиска помош од Европската Унија, намалување на странските директни инвестиции и можност за дестабилизација на денарот што ќе предизвика притисок врз банкарскиот сектор, се дел од последиците со кои може да се соочи Македонија доколку не влезе во Европската Унија.

Ваков став изнесе денеска претседателот на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија, Штефан Петер, додавајќи дека со невлегувањето во Унијата постои можност да се намалат увозот и извозот, компаниите да ја изгубат конкуретноста и младите квалификувани кадри да се иселуваат надвор од државата. Според него, земјата би била кредитно поспособна доколку е дел од Европската Унија, отколку кога би била надвор од неа.

На прес-конференцијата во Стопанската комора на Македонија, Петер посочи дека како странски инвеститор и претседател на Советот на странски инвеститори сака да ја види Македонија интегрирана во Европската Унија бидејќи со тоа ќе има подобри деловни услови и за бизнисмените и за вработените.

– Секој може да донесе одлука во недела, но не е важно само како ќе гласате. Прво, важно е да излезете на гласање и активно да учествувате во демократијата. Потоа немојте да бидете себични и да размислувате само за себе, туку размислете и за последиците од вашиот глас за иднината. За да функционира демократијата, мора да бидеме нација која учествува, а  не само да набљудуваме. Оној што не гласал го губи правото да се жали, порача Петер.

По 30 септември, како што посочи, животот продолжува, но не е сигурен дали Македонија би можела да живее во поповолни услови доколку не е дел од Европа.

По оваа изјава, премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање одговори дека денарот е стабилен и неговата вредност не може да се намали.