Општините да достават готови проекти до Владата за да може да ги искористат парите кои беа наменети за изградба на карго аеродромот во Штип, а сега се пренаменети за инфраструктурни проекти во општините, апелираше министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
„Се работи за сериозна сума на пари од кои 40 милиони евра од планираните за изградба на аеродромот, а остатните од јавните претпријатија“, изјави министерот Сугарески по посетата на општина Илинден и средбата со градоначалникот Жика Стојановски.
Тој додаде дека се работи и на проект за санација и реконструкција на локалните патишта низ општините и оти во моментот се прават сериозни анализи и се собираат податоци од општините кои патишта треба да се реконструираат.
„Ова ни е потребно за да утврдиме точна рамка за колкави средства станува збор. Се планира меѓу 70 и 100 милиони евра кредитна линија и ве уверувам дека се што можеме, ќе помогнеме за да го забрзаме еконскиот развој на општините и да го подобриме квалитетот на живот на граѓаните“, рече Сугарески.