Интерес има само за обуките за напредни ИТ вештини и за сметководители. Занаетчиските професии и натаму остануваат дефицитарни и покрај мерките за вработување и бесплатните обуки за преквалификација на невработените. Познавачите на состојбите на пазарот на труд сметаат дека мерките за вработување не ги даваат очекуваните резултати. Токму за оваа намена во државниот буџет за идната година се проектирани околу 18 милиони евра. Тоа е за 10% повеќе од годинава и е најголем износ до сега.
“Следејќи ги резултатите од претходните години на реализацијата на мерките за вработување (од 2016 и 2017 година), мислам дека нема да ги даде очекуваните резултати. Преквалификацијата во секој случај е промашена работа од старт”, вели Раде Ненадиќ, Агенција за посредување при вработување.
Експертите сметаат дека единствено државата може да интервенира во изедначувањето на понудата и побарувачката на пазарот на труд. Но, велат дека тоа треба да се направи преку образовниот систем. Доколку има презаситеност од некои струки, истите да се стават во мирување или да се запишуваат помал број студенти на тие факултети.
“Тука има уште една најтешка задача на страна на државата, но и за работодавачите. Не може да очекувате некој да запише средно стручно училиште за утре да работи за 12.000 или за 15.000 денари плата. Заврши таа приказна во Република Македонија. Еве да ги земеме конфекциите на пример, не е точно дека таму платите не може да се зголемат, но газдите треба да се откажат од дел од сопствениот приход”, изјави Ненадиќ.
Во моментов на пазарот на труд има околу 7.000 слободни работни места. Од друга страна, статистиката брои околу 200.000 невработени, односно 21,1% од работоспособното население. Со мерките за вработување Владата очекува дека следната година стапката на невработеност ќе се намали на 20%.