Економија 06. мај 2019. / 17:14

Османи: Можно зголемување на трошоците за администрацијата

Османи: Можно зголемување на трошоците за администрацијата

Договор за соработка во врска со новиот проект „Европскиот пат на РС Македонија – Постигнување на побрз, поинклузивен и одржлив раст” потпишаа Владата, претставувана од вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи и УНДП, претставуван од постојаната претставничка на УНДП во земјава, Наринe Сахакиjан.

Проектот е финансиран од УНДП со времетраење од седум месеци. Во овој период ќе се одржат серија консултации и анализи во соработка со државните институции, бизнис заедницата и граѓанското општество.

-УНДП е долгорочен партнер и поддржувач на политиките на РС Македонија, и овој проект е само продолжение на соработката за создавање на подобра средина за поврзување на националната економија со економиите на земјите-членки на ЕУ- изјави Османи по потпишување на договорот.

Тој нагласи дека новата студија што ќе произлезе од проектот ќе содржи можни сценарија за динамиката на пристапувањето кон ЕУ и влијанието врз квалитетот на живеење на граѓаните, преку користење на искуствата на земјите кои од неодамна станаа членки на ЕУ, како и преглед на можното зголемување на трошоците за јавната администрација и бизнис заедницата поради неопходните прилагодувања кон стандардите на ЕУ.

-УНДП е посветен да продолжи да ја поддржува земјата кон патот на ЕУ интеграциите. Имаме долгорочно искуство во советување на оваа тема низ целиот регион, како и посредничка улога во размена на експертиза и искуства со новите земји-членки. Со ова, дополнително го зајакнуваме нашето стратешко партнерство со Владата и заедно ќе продолжиме да работиме на унапредување и на ЕУ интеграциитеи на агендата 2030 – со цел никој да не биде изоставен- изјави постојаната претставничка на УНДП Нарине Сахакијан.

Како резултат од процесот на консултации ќе произлезе студија, која што ќе биде развиена со поддршка на национални и меѓународни експерти, со цел да им помогне на донесувачите на одлуки и на општеството да создадат силна аналитична база за подобро разбирање на ефектите од процесот на пристапување кон ЕУ и постигнување на забрзан, инклузивен и одржлив развој.