Општините од крајниот исток продолжуваат да се дават во долгови. Делчево со долг од 4 милиони евра е второрангирана задолжена општина по глава на жител. Откако изврштелите ги продадоа сите несуштински објекти, во сопственост на општината сега не постојат други извори кои драстично би го намалиле овој долг.
„Основниот буџет ни е некаде околу милион ипол, така што тешко се справуваме со долгот. И немаме ние некое стопанство не знам какво, за да можеме долгот да го намалиме барем во некои приближни вредности. Се надеваме на изјавите од премиерот дека ќе ги раздолжи општините, а посебно тие што се со блокирани сметки и се надеваме дека тој чекор ќе се случи побрзо за да можеме ние како градоначалници полесно да менаџираме со општините“ кажа Горан Трајковски, градоначалник на Делчево.
За разлика од Делчево, кое со години работи со блокирана сметка, локалната власт на Пробиштип во изминатите шест месеци одвај успеала да ја спаси општината од блокада. Долгот им е три милиони евра, колку што им е и годишниот буџет за исплата на плати, но и за изградба на инфраструктурни проекти.
„Најмногу енергија и време потрошивме во тоа да успееме да изменаџираме со добавувачите и правните субјекти да најдеме начин да најдеме како да имаат трпение да не се блокира општина Пробиштип. Сега сме во фаза кадешто имаме неколку продажби на градежно, неизградено земјиште и од коешто општина Пробиштип ќе добие прилив на средства“ кажа Драган Анастасов, градоначалник на Пробиштип.
Општините од источниот регион имаат долгови над 15 милиони евра, а за разлика од останатите малата рударска општина Македонска Каменица во рок од шест месеци успеала да ги врати долговите.