Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука за престанок на лиценцата за вршење на енергетска дејност трговија на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт – трговија на големо со Еуродизел БС (Д-Е V), Еуросупер БС 95 и Екстра лесно 1 (ЕЛ-1), на Друштвото за производство, трговија и услуги „Сан петролеум” ДООЕЛ увоз-извоз – Скопје.
Како што истакна претставникот на „Сан петролеум“, барањето го поднеле заради давањето подлиценца на „Супер трејд“ за вршење на дејноста поради што, како што рече, сметаат дека е економски неисплатливо да плаќаат закуп на резервоари кога според договорот „Супер трејд“ ќе бидат увозници и застапници на брендот. „Сан петролеум“, посочи, останува да работи само во делот трговија на мало со бензинската станица која ја поседува и веќе два месеца не увезува нафтени деривати и локално се снабудва од „Супер трејд“.
„Сан петролеум“ лиценцата за вршење дејност ја доби на 11 февруари 2015 година со период на важење од 10 години. За вршење на дејноста досега користеа три резервоари од кои два по 1.000 метри кубни за Еуродизел и Еуросупер и еден од 500 метри кубни за Екстра лесно гориво. Резервоарите беа под закуп од друштвото „Тапмак“ Пробиштип и се наоѓаат во Пробиштип.