Вкупниот трошок за топлинска енергија за потрошувачите на БЕГ се намалува за шест отсто, за потрошувачи на ЕЛЕМ Енергетика во Општина Гази Баба за 13,5 отсто, а во Скопје Север за 12 отсто, соопшти денешната прес-конференција претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, Марко Бислимоски.
Тоа значи дека сметка од 2000 денари за парно на БЕГ на чиј систем има најмногу приклучени потрошувачи, ќе се намали за 150 денари.
Одлуките за утврдување на цените за топлинска енергија на трите компании кои работат на територија на Град Скопје се донесени на денешната седница на регулаторот. Бислимовски во однос на одлуката за БЕГ појасни дека поради зголемената цена на природен гас од 20,4 проценти во 2019 споредено со 2018 година, вкупните трошоци за набавка на енергенсот на БЕГ-производство се зголемени за 24 проценти или во пари 2,6 милиони евра.
– Овие зголемени трошоци делумно ги амортизиравме со тоа што прв пат со нашите одлуки предвидуваме ТЕТО АД Скопје како когенеративна постројка да продава топлинска енергија која што е за 15 проценти пониска од цената на БЕГ производство. Влијанието на исклучените потрошувачи изнесува 7 проценти или во пари 1,8 милиони евра. Оваа година влијанието ќе биде 4 проценти, односно околу еден милион евра, а следната ќе биде 3 проценти или околу 800.000 евра. Благодарејќи на иницијативата која ја поведе РКЕ при носењето на новите правила за снабдување со топлинска енергија која беше прифатена од Владата, со што се намали ДДВ-то за топлинска енергија од 18 на 5 проценти, се доведовме во ситуација да се намалат вкупните трошоци на потрошувачите приклучени на БЕГ за топлинска енерхоија од 1 август за 6 проценти, рече Бислимовски.
Кај потрошувачите приклучени на Енергетика во Општина Гази Баба, а тоа се во населбата Железара и делумно Маџари, вкупниот трошок за топлинска енергија се намалува за 13,5 проценти. При тоа, фиксниот надометок за овие потрошувачи е намален за 30 проценти со што, вели, се дава сигнал да има уште повеќе потрошувачи приклучени на системот за топлинска енергија во овој дел од Скопје. За Скопје Север, каде на мрежата се приклучени околу 460 потрошувачи, цената на парното е намалена за 12 проценти. Со оглед дека станува збор за многу мал број потрошувачи, од Регулаторната комисија предлагаат овие потрошувачи да се вклучат во системот на ЕЛЕМ Енергетика или на системот на БЕГ, затоа што актуелниот снабдувач се соочува со проблем за покривање на трошоците за набавка на природен гас.