Информативен настан и обука за геодетски компании по повод почнување на фазата планирање на распределба на земјоделското земјиштето во четири консолидациски подрачја во државата – Соколарци и Спанчево во Општина Чешиново-Облешево, Логоварди и Оптичари во Општина Битола денеска се одржа во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).
Како што соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, на настанот се обратија државниот секретар при МЗШВ Нефрус Челику и Кристина Митиќ Арсова од ФАО/ Проект МАИНЛАНД.
– Денешниот настан е составен од две сесии. Целта на првата сесија е да се информираат главните партнери во проектот, вклучително МЗШВ, Агенцијата за поддршка на развојот на земјоделството, Агенцијата за катастар на недвижности, Комората на овластени геодетски фирми, единиците на локалната самоуправа и организациите на земјоделци за отпочнување на нова фаза во консолидацијата на земјоделско земјиште, односно започнување на теренски активности на планирање на распределбата на земјоделското земјиштето во вкупно четири подрачја, по две од брегалничкиот и пелагонскиот регион, односно во Соколарци, Спанчево, Логоварди и Оптичари – се вели во соопштението од МЗШВ.
Како што се наведува, на втората сесија, избрани геодетски компании од земјава – Гео Монд и Цветковски Консалтинг, ќе добијат обука за подготовка на планови за распределба на земјоделското земјиште со промена на граници и за различните технички барања за успешно спроведување на планирање за распределување на земјиштето во четирите консолидациски области.
Се работи за проект финансиран од Европската унија „Воведување на национална програма за консолидација на земјиште“ или MAINLAND го спроведува Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации (ФАО) за да обезбеди поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство при спроведувањето на Националната стратегија за консолидација на земјиште за 2012-2020 година. Буџетот на проектот изнесува 2,56 милиони евра, финансиран од Инструментот за претпристапна помош на ЕУ (2,5 милиони евра) и придонес на ФАО. Ќе се спроведува во времетраење од 3,5 години, почнувајќи од март 2017 до август 2020 година, со очекувано продолжување од една година.
– Главната цел на проектот е да се реши проблемот со фрагментираноста на земјоделското земјиште со цел да се зголеми конкурентноста на земјоделското производство, да се подобрат условите за живот во руралните средини и да се обезбеди одржливо користење на природните ресурси – стои во соопштението од МЗШВ.