Економија

Новиот гувернер на НБРМ: Позитивни економски сигнали во вториот квартал на 2018

Новиот гувернер на НБРМ: Позитивни економски сигнали во вториот квартал на 2018

Но, клучно за тоа, според гувернерот на Народната банка на Република Македонија Анита Ангеловска-Бежоска, ќе биде дали активностите на поголемите инфраструктурни проекти ќе забрзаат и добијат на интензитет. Април е единствениот месец во кој движењата се позитивни.

– Податоците за првото тримесечје покажуваат стагнација на економијата и понатамошен пад на инвестициите и овие  остварувања се послаби од нашите оцени, што создава надолен ризик околу проектираниот раст за оваа година.  Но, она што е исто така важно е што оваа слаба активност не е дисперзирана, туку концентрирана во градежништвото, односно инвестииците. Оттаму, сметам дека клучно ќе биде дали активностите на поголемите инфраструктурни проекти ќе забрзаат и добијат на интензитет. Доколку тоа се случи, не е исклучено во втората половина од годината да имаме и повисоки стапки на раст, со што дел од ова надолно отстапување на почетокот на годината би се надоместило.

Додава дека проектираниот раст на НБРМ во рамки на априлските проекции е 3,2 % за оваа година што се базира врз неколку клучни претпоставки – релативно поволно надворешно окружување, односно натамошно закрепување на странската побарувачка со позитивен импулс врз извозот, стабилен домашен политички амбиент, натамошен прилив на странски инвестиции, поголема искористеност на постојните странски капацитети, и особено важно, повторно отпочнување и засилување на циклусот на јавни инфраструктурни инвестиции.