Економија 28. декември 2019. / 20:45

Новата година ќе донесе нов данок за увоз на стари возила

Новата година ќе донесе нов данок за увоз на стари возила

Од почетокот на следната година се воведува нов данок за увоз на автомобили со примената на новиот Закон за данок на моторни возила, најави министерката за финансии Нина Ангеловска на денешната прес-конференција заедно со директорот на царината Ѓоко Танасоски. Мерката има за цел да се намали аерозагадувањето предизвикано од сообраќајот.

Износот на оданочувањето ќе зависи од тоа колку увезеното возило загадува. Електричните автомобили се изземени од данокот, хибридните возила ќе плаќаат само половина, а за одредени бизниси постојат даночни олеснувања и поврат на средства.

Износот на данокот кој треба да се плати при увоз на возила во вредност до 10.000 евра ќе се пресметува според нивото на емисии на јаглерод диоксид на возилото. Пониска даночна стапка ќе плаќаат и возилата со бензински мотори во споредба со оние со дизел мотори. Данокот за увезено возило кое чини 10.000 евра и емитува 130 грама јаглерод диоксид на километар, а е со бензински мотор, ќе изнесува 6.500 денари. Ако возилото е со истите карактеристики, но со дизел мотор, данокот ќе биде двојно повисок, 13.000 денари.