Економија 21. мај 2020. / 17:30

Невреме во Долненско целосно го уништи расадот со тутун

Невреме во Долненско целосно го уништи расадот со тутун

Големото невреме проследено со град во текот на вчерашниот ден по 16 часот речиси целосно го уништи тутуновиот расад и насадениот дел на нивите во селото Заполжани, општина Долнени. Околу 220 жители на селото кои годишно произведуваат преку 220 тони тутун на 250 хектари, сега се крајно загрижени, а штетите се огромни, речиси и до 100 отсто. Според тутунопроизводителот Николче Николоски, невремето ги затекнало производителите на нива додека саделе тутун.

– Се се случи одеднаш. Немавме време ништо да преземеме освен да се заштититме од невремето. Остана тракторот среде нива, целосно се уништи расадениот тутун. И блиските расади со тутунот едноставно ги снема, изјави Николоски.

Владо Николоски вели дека не памети вакво невреме.

– Не паметам вакво невреме кое одеднаш целосно го уништи тутунот и расадот, вели Николоски.

Досега се засадени 30 насто од површините и целосно се уништени така е и со расадот.

– Не знам што ќе правиме. Главно од тутунот живееме. Поради студената пролет, тешко беше производството на расад, дури и 60 насто е како недостиг. Ако е така, не знам што ќе се прави, објаснува Гоце Јанчески од тутунско здружение.

Жителите бараат помош и велат мора некој да им помогне. Од локалната самоуправа на Долнени објаснуваат дека им стигнала пријавата за штетите.

-Во текот на денов ќе излеземе на терен за да ги констатираме штетите и да направиме записници, рече секретарот на Општината Урим Ибески.

Вчерашното невреме ги зафатило и атарите на долненските села Мраморани и бело Поле. Долнени е еден од најголемите тутунопроизводствени региони со годишно производство од преку 7.000 тони.