Економија 25. декември 2018. / 12:15

Нема пари за болните од шизофренија

Нема пари за болните од шизофренија

Иако со современите антипсихотици пациентите што боледуваат од шифозренија добиваат многу поквалитетен живот, овие лекови не се на Позитивната листа на лекови.

Три месеци нема одговор од Фондот за здравствено осигурување на барањето на Клиниката за психијатрија да ѝ се одобри условен буџет за набавка на нови лекови-антипсихотици за пациентите што боледуваат од шизофренија. Овие лекови не се на Позитивната листа на лекови, па затоа Клиниката не може самостојно да ги набавува.

Директорот на Психијатрија, Стојан Бајрактаров, објаснува дека е голема разликата во ефектите што ги дава современата терапија, која се прима еднаш месечно, бидејќи со неа пациентите може да живеат квалитетен живот, да одговорат на обврските во семејството, а и редовно да одат на работа.

Клиниката побарала да се обезбеди лекот за една група од дваесетина пациенти.

– Голема е разликата меѓу пациентите што се на постарата терапија и оние кои ја примаат новата. Старата терапија има и повеќе несакани ефекти, со неа потешко се контролира болеста, пациентите имаат многу почесто потреба да бидат примени во болница поради влошување на состојбата. Пациентите што ја примаат современата терапија може да функционираат како здрави луѓе. Ако се направи анализа на трошоците, само индиректните трошоци кои се создаваат заради тоа што пациентите ќе имаат многу поголеми можности да функционални нормално дома и на работа, се за 4 до 5 пати повисоки од цената на терапијата – објаснува Бајрактаров.

Од Фондот за здравствено осигурување објаснуваат дека на крајот на годината не може да обезбедат условен буџет како што бара Клиниката за психијатрија, туку овој трошок треба да се планира во буџетот за наредната година.

Директорот на Клиниката за психијатрија вели дека, според последната информација што ја добил од ФЗО вчера, за наредната година ќе им бидат одобрени пари за да набават современа терапија за 40 пациенти кои боледуваат од шифофренија. Откако буџетот ќе им биде одобрен, ќе распишат тендер.

Инаку, една инјекција што се става на две недели, чини околу 350 евра. Кај нас оваа терапија е достапна, но само за пациенти кои имаат пари да ја купат приватно.

По промената на власта во државата, на некои клиники кои лекуваат пациенти со малигни заболувања, им беа одобрени условни буџети за купување нови видови цитостатици, бидејќи тие што ги имале биле застарени.