Ребалансот на буџетот е со цел изборен поткуп, а не за помош на граѓаните и фирмите. Владата во ек на корона криза, кога луѓе се заразуваат ќе потроши енормни над 41 милион евра на ставката стоки и услуги повеќе од лани. Во оваа ставка со над 70% учествуваат договорните услуги, ова денеска преку прес-конференција го истакна Владимир Нелоски од ВМРО-ДПМНЕ.
-Дали тоа значи дека и понатаму ќе гледаме предизборни вработувања на партиски активисти, додека луѓето се борат за својата егзистенција, а лекари и медицински персонал се заразува затоа што немаат заштитна опрема!? Сето ова се случува додека падот на приходите е 20% во април годинава споредено со април минатата година. Тоа значи дека власта собрала 1/5 помалку отколку што планирала. Ваквите црни статистики за жал ќе не следат и во мај. И додека економијата паѓа, приходите се намалуваат, власта троши непродуктивно, а сето тоа го покрива од задолжувања. Само во првите 4 месеци од годината буџетскиот дефицит изнесува 200 милиони евра. Тоа се долгови кои ќе треба да се покријат со кредити. Ваквиот начин на работење, но и лошото справување со кризата ќе не доведе до ситуација на буџетска дупка од 1.3 милијарди евра, пари кои ќе треба да ги позајмиме како држава само за да ги закрпиме штетите од негативната економска политика, вели Нелоски.