Економија 12. март 2020. / 17:11

НБРМ со посебен режим на работа, апелираат граѓаните да плаќаат со картички и електронски

НБРМ со посебен режим на работа, апелираат граѓаните да плаќаат со картички и електронски

Народната банка, од денеска во наредниот период следејќи ги утврдените мерки за превенција од ширење на коронавирусот презема конкретни активности за заштита на здравјето на заедницата и на своите вработени.

До граѓаните апелираат да избегнуваат користење готовина и плаќањето да го вршат со платежни картички, да избегнуваат посета на експозитури и филијали на деловните банки, како и на штедилниците и менувачниците и банкарските услуги да се користат преку сервисите за електронско, мобилно и телефонско банкарство.

– Согласно преземените мерки од денеска нема да работат за посетители Музејот и Библиотеката и архивот на Народната банка, нема да се одржуваат организирани посети за финансиска едукација, приемот на налози за извршување плаќања за државата и државните органи ќе се врши до 11 часот, подигањето документи за подигање ефектива од трезорот ќе се врши во редовните термини од 13 до 14 часот исклучиво преку писарницата на Народната банка,  исплатата и приемот на девизи од овластените лица на државните институции ќе се врши секој работен ден од 14 до 15 часот, исклучиво преку писарницата на Народната банка, издавањето извештаи за податоци од кредитниот регистар ќе се врши само во вторник и четврток од 15 до 16 часот, исклучиво преку писарницата на Народната банка, приемот на странки за замена на оштетени пари, за купување книжни и ковани пари за нумизматички потреби, како и на странките заинтересирани за купување ковани пари за колекционерски цели ќе се врши единствено во понеделник, во периодот од 12 до 13 часот, информираат од Народната банка.

Од Народната банка наведуваат дека на редовна основа го анализираат ризикот од ширење на заразата со вирусот Ковид-19 и доколку е потребно, овие правила ќе бидат променети.