Во првиот квартал на 2018 година банките укажуваат на нето-намалување на побарувачката за кредити кај секторот „домаќинства“, наспроти нето-зголемувањето во претходната анкета, покажува најновата анкета на Народната банка за кредитната активност на банките.
„Оценетото намалување на побарувачката на нето-основа произлегува од поголемиот процент на банки коишто укажале на намалена кредитна побарувачка за потрошувачки и останати кредити, при нето-зголемување на побарувачката за станбени кредити.
Притоа, кај станбените кредити, исто како и во претходната анкета, ниту една банка не укажува на намалена побарувачка. Сепак, и натаму најголем процент на банките (околу 82%) укажуваат на непроменета побарувачка на кредити од страна на домаќинствата.
Нето-намалувањето на побарувачката за кредити кај секторот „домаќинства“ во првиот квартал не е во согласност со очекувањата на банките дадени во претходната анкета. За вториот квартал од 2018 година, банките очекуваат натамошно нето-зголемување на побарувачката за станбени и потрошувачки кредити“, соопшти НБРМ.
Што се однесува до факторите коишто делуваат врз побарувачката за станбените кредити, кај заштедите на домаќинствата се забележува значително поместување, поточно стимулативно влијание врз побарувачката за станбени кредити.
„Од останатите фактори, исто влијание имаат и довербата на потрошувачите и перспективите на пазарот за станбена изградба, додека кредитите од останатите банки придонесуваат за намалување на побарувачката за станбени кредити, со поголема јачина во споредба со претходниот квартал.
Кај потрошувачките кредити, оценетото нето-намалување на побарувачката во најголем дел произлегува од трошоците за трајни добра, чијшто ефект е посилен во споредба со претходниот квартал.
Од останатите фактори, довербата на потрошувачите и натаму има најголемо стимулативно влијание придонесувајќи за зголемување на побарувачката за потрошувачки кредити, а слични промени се забележуваат и кај останатите фактори (кредити од останатите банки и останати извори на финансирање)“, соопшти НБРМ.