Советот на Народната банка на Република Македонија, денес одржа редовна седница, на која беше разгледан и усвоен најновиот квартален извештај.
Притоа уште еднаш беше истакнато дека и последното намалување на основната каматна стапка во текот на минатата година е извршено во услови на поволна надворешна позиција и стабилни очекувања на економските субјекти. Повторно беше потенцирано дека и ова монетарно олабавување е соодветно на постојните економски и финансиски услови при здрави економски основи и отсуство на нерамнотежи во економијата.
При разгледување на извештајот на седницата беше заклучено дека споредбата на последните макроекономски показатели со нивната проектирана динамика во рамките на октомврискиот циклус проекции не упатува на позначителни отстапувања во одделните сегменти од економијата. Во согласност со објавените проценети податоци за БДП, економската активност во третиот квартал на минатата година бележи раст од 3 отсто, што е нешто повисок од проектираниот во октомвриските проекции. Ваквото нагорно отстапување главно се должи на повисокиот раст на извозот, односно поповолната извозна нето-побарувачка, како и на повисокиот раст на јавната и личната потрошувачка во однос на очекувањата од октомвриските проекции, а падот на бруто-инвестициите е поголем од очекуваниот. Годишниот раст на БДП во третиот квартал на 2018 година беше поддржан и од нето-извозот и од домашната побарувачка.
Податоците за билансот на плаќања во тој квартал упатуваат на подобри остварувања кај тековните трансакции во однос на планираните, а тековите во финансиската сметка имаа нешто послаба реализација од очекуваната.
Воедно, советот констатира дека тековно расположливите високофреквентни податоци за последниот квартал на минатата година упатуваат на продолжување на поповолните движења во економијата, проследени и со поволни очекувања за растот на индустријата. Воедно, одредени индикатори упатуваат и на подобрување на секторот градежништво во споредба со претходниот дел од годината.
Личната потрошувачка забележа зголемување.
Поволни движења се забележани кај вкупните инвестиции, што се должи на инвестициите на приватниот сектор, а номиналните податоци упатуваат на потенцијално мало проширување на трговскиот дефицит во четвртиот квартал во однос на истиот период од минатата година. Последните расположливи податоци за девизните бруто-резерви за четвртото тримесечје на 2018 година упатуваат на квартален раст наспроти умерениот пад очекуван со октомвриските проекции. Според сите показатели за нивна адекватност, тие и натаму се одржуваат во сигурната зона.
Истовремено, на седницата беше нагласено дека во последниот квартал од минатата година дојде до забавување на годишниот раст на домашните цени, од 1,6 отсто во третиот на 1,2 отсто во четвртиот квартал. Ова забавување е одраз на побавниот раст на цените на енергијата во согласност со движењата на цените на нафтата и нафтените деривати на светските пазари, како и на забавеното движење на базичната инфлација. Од друга страна, кај прехранбената компонента на инфлацијата е забележано мало забрзување на растот. За целата 2018 година стапката на инфлација изнесуваше 1,5 отсто во најголем дел како резултат на поместувањата кај базичната компонента, а во помал дел од позитивниот придонес на енергетската и прехранбената компонента.
Во рамките на дискусијата за усвоениот извештај беше истакнато дека континуираниот раст на депозитната база и на кредитната активност на банките продолжи и во последното тримесечје од минатата година, што сигнализира стабилни очекувања и зголемена доверба. На годишна основа, вкупните кредити во декември се повисоки 7,3 отсто, што е во рамките на очекуваната стапка на раст со октомвриската проекција, а годишната стапка на раст на депозитите во декември изнесуваше 12,1 отсто надминувајќи ја проекцијата за крајот на годината. Забрзаниот кредитен раст главно произлегува од зголемената кредитна поддршка на корпоративниот сектор, а депозитниот главно од депозитите на домаќинствата.
На седницата советот ја донесе одлуката за престанување на важењето на одлуката за условите што треба да ги исполнуваат хартиите од вредност во странство, во кои може да вложува овластена банка. Усвојувањето на оваа одлука следува по објавата за стапувањето во сила на одлуката за премин во втората фаза на асоцијација меѓу Република Македонија и европската заедница и нејзините земји членки во согласност со спогодбата за стабилизација и асоцијација, а е во насока на натамошно либерализирање на тековите од капиталната и финансиската сметка.