Економија 27. март 2020. / 13:40

НБРМ и банките апелираат до клиентите да не доаѓаат на шалтер и да користат електронско банкарство

НБРМ и банките апелираат до клиентите да не доаѓаат на шалтер и да користат електронско банкарство

Нарадната банка на Македонија (НБРМ) и комерцијалните банки во земјава апелираат до корисниците што почесто да користат безготовинско плаќање и да имаат што помал контакт со кеш-пари.

По прогласената вонредна состојба во земјава банките и штедилниците работат и ги опслужуваат клиентите, но апелираат граѓаните да не доаѓаат во експозитурите поради заштита и на вработените и на самите клиенти. Апелираат на користење безготовинско плаќање, а некои од нив ги укинаа и провизиите за електронски плаќања.

– Граѓаните да се воздржат од непотребни доаѓања во експозитурите и филијалите со цел да не се изложуваат на непотребен ризик. Сакаме уште еднаш да нагласиме дека банките и штедилниците остануваат отворени за соработка со клиентите, сите нивни услуги се достапни, а средствата на граѓаните се безбедни. На граѓаните им се препорачува да не подигнуваат повеќе од потребната готовина за покривање на нивните потреби бидејќи нивните пари во банките и штедилниците се безбедни и им се на располагање во секое време. Особено треба да се воздржуваат од подигање готовина во девизи бидејќи девизите доаѓаат од меѓународниот платен промет и се потенцијална зараза на Ковид-19, а истите не се платежно средство во нашата земја и не се неопходни за нивните секојдневни потреби – апелираат банкарите.

Со цел заштита на вработените, дел од филијалите/експозитурите се привремено затворени, дел работат со скратено работно време, а банкоматите се сервисираат непрекинато. Клиентите, кои сепак, ги посетуваат експозитурите се замолени да чекаат надвор од објектот и се спроведуваат согласно препораките за заштита од ширење на вирусот.