Економија 09. ноември 2018. / 10:28

НБРМ: Едукативна игра за финансиско едуцирање на младите

НБРМ: Едукативна игра за финансиско едуцирање на младите

Народната банка на Република Македонија ја известува јавноста дека ја објави првата едукативна игра за финансиско едуцирање на младата популација во земјава со наслов „Заработете и штедете“, којашто од денес е достапна за слободно преземање од интернет-страницата на НБРМ, како Windows и Android-апликација.

Играта „Заработете и штедете“ е замислена, преку забава, да предизвика поголем интерес кај младата популација за штедењето и финансиите и со тоа да го збогати нивното знаење од оваа област. Играта е избрана на конкурсот за изработка на едукативна игра којшто НБРМ го распиша во февруари годинава. Нејзин автор е Маријан Зиновски, студент на Факултетот за информатички и комуникациски технологии при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.

НБРМ верува дека играта ќе ја оствари целта за којашто е создадена – да придонесе кон повисоко ниво на финансиска писменост кај децата и младите. Централната банка и натаму ќе се обидува преку креативни и иновативни пристапи и решенија да вложува во финансиската едукација во Република Македонија.

Во играта постои опција наречена „Предизвик“ во која играчот вози и собира македонски денари во форма на монети и банкноти во зададениот износ и за одредено време. Овие собрани пари во главната игра се впишуваат во полето на готовина.

Во делот со назив „Поимник“ е даден опис на сите економски поими коишто се сретнуваат во играта. Едукативната игра е изработена врз база на објавен конкурс на Народната банка на Република Македонија, а со цел поттикнување поголем интерес и стекнување на знаења од областа на економијата и финансиите кај младата популација.