Економија 19. мај 2020. / 13:31

Народна Банка: Денарот е и ќе остане стабилен

Народна Банка: Денарот е и ќе остане стабилен

Од Народна Банка ги демантираат информациите за можна девалвација на Денарот.

Од НБРМ тврдат дека националната валута е стабилна и така ќе биде и во иднина.

Соопштението на НБРМ ви го пренесуваме бо целост:

„Во врска со шпекулациите на социјалните мрежи со тврдења за домашната валута и упатување на оцени на Европска Унија (ЕУ), во консултација со 🇪🇺 Делегацијата на ЕУ (Delegation of the European Union, Skopje) ве известуваме дека изнесените информации не се вистинити.

Граѓаните треба да бидат спокојни. Стабилноста на девизниот курс на денарот била, е и ќе остане наш приоритет. Ние гарантираме дека денарот е и ќе остане стабилен!

Апелираме на совесно и одговорно информирање и проверка на вистинитоста на изворите на информации. Секое произволно толкување на информациите, како и пласирањето неточни или непроверени информации во врска со домашната валута може да креира негативни ефекти за македонската економија.

Потсетуваме:

🔹 Девизните резерви се на соодветно високо ниво, што е најзначајна гаранција за стабилноста на девизниот курс на домашната валута. На крајот на април, тие изнесуваат нешто над 3 милијарди и 159,6 милиони евра и во однос на март бележат зголемување за 142,3 милиони евра. Нивното ниво е речиси двојно повисоко во однос на кризата во 2008 година.

🔹 Согласно со најновите проекции на Народната банка, во претстојниот период се очекува и натамошен раст на девизните резерви.

🔹 Дополнително, ние располагаме со низа инструменти со коишто гарантираме дека девизниот курс на денарот во однос на еврото ќе остане стабилен.

🔹 Во проекциите на сите релевантни меѓународни институции се посочува дека нивото на девизните резерви е и ќе остане адекватно и дека не се очекува на ниту еден начин да биде загрозена стабилноста на денарот.

🔹 Ниту од Народната банка, ниту од релевантните меѓународни институции не се очекува пораст на стапката на инфлација, односно не се очекува пораст на цените. Напротив – во услови на тековни инфлациски остварувања коишто се под очекуваните, како и при значителни надолни ревизии кај увозните цени поради шокот од пандемијата на ковид-19, особено на енергентите, оцените упатуваат на стапка на инфлација од околу 0% за 2020 година.

🔹 Дефицитот на тековната сметка е на умерено ниво и според проекциите тој и натаму ќе биде на умерено ниво, а надворешниот долг останува во зоната нa умерено ниво, при негово намалување минатата година.

🔹 Банкарскиот систем е стабилен и според сите показатели е подготвен не само да се справи со шокот од ковид-19, туку и натаму, континуирано да испорачува кредитна поддршка за македонската економија и да придонесе таа полесно и побрзо да се справи со предизвиците од корона-кризата.

❗️Повторно потсетуваме дека како што во повеќе наврати соопштивме – девизниот курс на денарот е и ќе остане стабилен“.