Со измени на Законот за јавно приватно партнерство и концесии се создадени услови 49,7 милиони евра што турски ТАВ требаше да ги вложи во изградба на карго аеродром во Штип да се пренаменат за проекти од јавен интерес на државата.
Министерот за економија Крешник Бектеши по денешната средба со извршниот директор на ТАВ Македонија, Алпер Ерсој најави дека законските измени овозможаат да се склучи анекс на Договорот за концесија со ТАВ, со што од почетокот на следната година би можеле да се користат пренаменетите средства. Тие ќе се трошат за изградба на водоводна и канализациска мреже, градинки, училишта, општински згради. Општините веќе ги доставуваат проектите, Владата ќе подготви листа и откако ќе бидат одобрени од Министерството за транспрт и врски за нив ќе може да се добијат пари од пренаменетета сума.
Анализите покажуваат дека изградбата на карго-аеродромот во Штип не е економски оправдана и сакаме тие средства да ги пренамениме за проекти од јавен интерес за подобрување на животот на сите граѓани како што се училишта, градинки, водоводи, канализации и реконструкција на општински згради се со цел да се олесни пристапот до услуги за граѓаните. Се работи за сума од 49,7 милиони евра, изјави Бектеши по средбата.
Владата има список на проекти кои се приоритетни за реализација а се доставени од општините. Кога ќе се потпише анекс-договорот ќе бидат објавени и проектите кои што ќе се реализираат и динамиката за нивна реализација.
Сите општини веќе имаат доставено проекти. Како Влада треба да утврдиме програма која ќе ја доставиме до менаџментот на ТАВ со динамика на реализација. Генерално преговорите одат во насока реализацијата на проектите да се изврши во рок од три години, почнувајќи од наредната година, рече Бектеши и додаде дека ТАВ ќе почне со процедурите за реализација на проектите откако од страна на Министерството за транспорт и врски и општините ќе бидат изготвени дозволите за градба.
Ерсој истакна дека се согласуваат со одлуката на Владата средствата да се реалоцираат за проекти од корист на граѓаните. – Дискутиравме со министерот за правните аспекти околу релокација на средствата што беа наменети за изградба на карго аеродоромот во Штип. Претходно имавме состаноци премиерот и министерот за транспорт и се надеваме дека наскоро ќе најдеме правна рамка за пренамена на овие средства во други проекти што ќе бидат од интерес на македонската јавност, изјави Ерсој.
Тој нагласи дека во бенфит на ТАВ е наместо да се вложат парите во изградба на карго аеродром во Штип, кој нема економска исплатливост и нема позитивно да придонесе за економијата на земјава, да се релоцираат за проекти кои ќе бидат од корист за граѓаните.