Економија 08. ноември 2020. / 18:42

Нагло пораснаа цените на акциите по изборите во САД

Нагло пораснаа цените на акциите по изборите во САД

Цените на акциите на светските берзи минатата недела нагло пораснаа, надоместувајќи ги сите загуби од претходната седмица. Инвеститорите очекуваат нови економски стимулации по претседателските избори во САД, пишува порталот SEEbiz.

На Вол Стрит, индексот Дау Џонс минатата недела порасна за 6,9 проценти, на 28.323 поени, додека С & П 500 скокна за 7,3 проценти на 3.509 поени, а индексот Насдак 9 проценти, на 11.895 поени.

Во фокусот на инвеститорите минатата недела беа претседателските избори во САД, а цените на акциите нагло пораснаа откако се дознаа првите резултати. Она што ги радува инвеститорите е тоа дека Сентатот сѐ уште е во рацете на Републиканците. Тоа значи дека нема да има големи промени во иднина во однос на даночните стапки кои ги засегаат инвеститорите. 

Инвеститорите се надеваат дека доколку продолжи тензијата во Конгресот околу стимулативните мерки, американската централна банка ќе реагира и ќе ја зголеми ликвидноста на финансиските пазари, што дополнително би ја стимулирало берзата.

По дводневната сесија, лидерите на ФЕД минатата недела рекоа дека монетарната политика останува непроменета и повторија дека ќе направат се што е потребно за да го поддржат закрепнувањето на економијата од корона кризата.

– Се чини дека и натаму ќе имаме поделен Конгрес, така што значителни промени во политиката на фискално ниво се малку веројатниАко имаме слично економско опкружување како до сега, тогаш инвеститорите ќе треба да бараат заработка во овој кризен период во секторите што водеа досега според растот, вели Дејвид Џој, стратег во „Ameriprise Financial“.

Благодарение на тоа, минатата недела технолошкиот сектор беше меѓу најголемите добитници, кој оваа година е водечки според профитот. Индексот S&P на здравствениот сектор исто така нагло се зголеми, бидејќи е малку веројатно дека нешто ќе се промени во здравствената политика.

Така, берзанските индекси на најголемата берза во светот ги надоместија сите загуби од претходната недела, кога нагло паднаа поради стравот на инвеститорите дека немилосрдното ширење на корона вирусот во светот ќе го забави закрепнувањето на најголемите светски економии.

Цените на акциите нагло пораснаа и на европските берзи минатата недела. Лондонскиот индекс FTSE зајакна 6 проценти, на 5.910 поени, додека франкфуртскиот DAX скокна за 8 проценти, на 12.480 поени, а парискиот CAC 7,95 проценти, на 4.960 поени. На берзата во Токио, пак, индексот Никеи минатата недела порасна за 5,9 проценти, на 24.325 поени.