Економија 01. мај 2020. / 11:17

Над 461 работник останале без работа во последните шест месеци

Над 461 работник останале без работа во последните шест месеци

Вкупно 214 пријави се регистрирани последниве шест месеци, кои опфатиле над  3.432 работнички и работници. Над 461 работник останаа без работа, а на приближно 696 работници им била намалена платата или, пак, воопшто не им била исплатена, објави Хелсиншкиот комитет, кој по повод Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај, наведе неколку барања до Владата кои се однесуваат на заштита на работниците.

– Во овие исклучително непредвидливи и тешки времиња, останувањето без плата за најголем дел од работниците значи ризик за нивната гола егзистенција и затоа се потребни солидарноста и заедништвото, наведува Хелсиншки комитет.

Едно од барањата на Хелсиншкиот комитет до Владата е создавање мораториум на сите откажувања на договорите за вработување од страна на работодавачите, и на сите намалувања на платите во периодот додека трае вонредната состојба. Сметаат и дека право на паричен надоместок за невработени лица треба да остварат и лица на кои работниот однос им престанал поради сопствена изјава, спогодбено или поради наводно нарушување на дисциплината.

Причина за ова, како што наведуваат, е што многу работници изминатиов период биле измамени од страна на работодавачите и работниот однос им беше прекинат на овој начин.

Во соопштението, Хелсиншкиот комитет ги наведува и останатите барања од првомајскиот проглас на група синдикати и здруженија на граѓани за заштита на работничките права.