КОСТАЛ МАКЕДОНИЈА е дел од Групацијата КОСТАЛ, која преку своето технолошки напредно производство, нуди реални можности за професионален раст, развој и усовршување на своите вработени, локално, но и меѓународнo, во рамките на Групацијата.
Во изминатата 2020 година, која беше исклучително специфична поради здравствениот предизвик што резултираше и со економска криза, голем број компании го намалуваа бројот вработени. КОСТАЛ МАКЕДОНИЈА во услови на редуцирано производство и намалени приходи споредено со планираните успеа ги зачува сите постојни вработувања и активно вработуваше нови. Така, во годината во која сите се соочувавме со ефектите на најголемата здравствена и економска криза досега, во КОСТАЛ МАКЕДОНИЈА беа реализирани нови 322 вработувања при што инвестициите надминаа износ од 14 милиони евра a продажбите 51 милиони евра што е зголемување од над 50% споредено со обемот на продажби за 2019 година.
Водени од грижата за здравјето и благосостојбата на своите вработени и нивните најблиски, КОСТАЛ МАКЕДОНИЈА склучи договор за приватно здравствено осигурување со што им овозможува на сите свои 860 вработени, но и оние кои допрва ќе му се придружат на тимот, да ги користат без надомест услугите во реномираните приватни здравствени установи од листата на договорни партнери на КРОАЦИЈА ОСИГУРУВАЊЕ, како и соодветно покривање на трошоците за лабораториски испитувања, лекови, офталмолошки или стоматолошки здравствени услуги.
Ова е само заокружување на сето она што КОСТАЛ МАКЕДОНИЈА го направи изминатите неколку години додека е присутен во земјата. Во 2020 година, е реализирано зголемување на платите на вработените и воведени се дополнителни бенефиции, зголемување на регресот на годишен одмор, кој заради финансиските резултати причинети од интензивните инвестиции, компанијата не беше обврзана да го исплати, а сепак го стори тоа.
На планот на корпоративната општествена одговорност, КОСТАЛ МАКЕДОНИЈА покрај соработка и помагање на локалната заедница, посебно е активен на планот на образованието на новите генерации, спроведено преку програмите за “Летна студентска пракса” и “Инженер на тренинг”, со кои им се дава шанса на тековните и штотуку дипломирани студенти од техничките науки да зачекорат по својот иден кариерен пат. Освен тоа, Компанијата е еден од најпроминентните подржувачи на Дуалното образование во земјата.
КОСТАЛ МАКЕДОНИЈА не планира да застане тука, туку напротив, до крајот на 2021 година, според компанискиот бизнис-план, бројот на вработени треба да се зголеми од актуелните 860 на 1.050. Дополнително непрекинатиот инвестициски циклус се очекува да продолжи и годинава со нови 31 милиони евра во напредна опрема и воведување на нови производни линии за Јагуар, Ланд Ровер и Ауди. Сето ова согласно последните финансиски предвидувања за 2021 година ќе резултира со повеќе од двојно зголемување на обемот на продажби споредено со 2020 и достигнување на рекордно ниво од над 105 милиони евра до крајот на оваа година.