Економија 06. април 2018. / 20:22

Младите незаинтересирани: Нема кој да ги наследи земјоделците

Младите незаинтересирани: Нема кој да ги наследи земјоделците

Македонското земјоделство заглавено меѓу традицијата и развојот. Мал е процентот на оние земјоделци што користат нови технологии за унапредување на производството. Причина велат од Здруженијата е возраста, но и неисплатливоста на земјоделието. Младите заминуваат, а повозрасните или не знаат или не се заинтересирани, пренесува 24Вести.

„Не само што нема кој да не наследи нас повозрасните земјоделци туку нема ни работна рака доколку треба да се ангажира во полски работи“, вели Ефтим Шаклев – Асоцијација на земјоделци

Дека просечниот македонски земјоделец старее, потврдува и едно истражување реализирано пред неколку години во источна Македонија. Покажало фрапантни податоци. Анкетираните, не користат нови ѓубрива и техники, интернетот го користат само за временска прогноза, а не за промоција, но и не покажуваат интерес за промени.

„Доколку некогаш добиеме датум за преговори земјоделството сигурно ќе ја заглави државата поради својата заостанатост во поглед на заштита на животната средина, примената на вештачки ѓубрива и пестициди и сето тоа што значи добра земјоделска пракса“, вели Васко Златковски – координатор на истражувањето

Министерството за земјоделство младите на село ќе ги враќа со повеќе мерки. Со нив ќе ги намалува трошоците за земјоделско производство, но и ќе поттикнува развој. Освен програмата Млад земјоделец ќе се користат и средства од ИПАРД.

„Во владината програма и мерката која во наредниот период ќе се имплементира, а таа е ослободување на младите до 35 години во делот на плаќање на концесијата за земјоделско земјиште. Државата ќе им даде земјиште и 3 до 5 години нема да плаќаат концесија, ќе бидат ослободени“, вели Љупчо Николовски – Министер за земјоделство

И здруженијата и експертите сметаат дека треба да се направи реорганизација на сегашната Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството, со што таа наместо центар за пополнување обрасци ќе стане вистинско советодавно тело што новите технологии ќе им ги доближи на земјоделците.