Како што со млак чај и витамин Ц не можете да се борите со пандемијата – така не можете ни со шаблонски мерки успешно да одговорите на потребите на овие компании, вели во интервју за Капитал, Виктор Мизо главен извршен директор на Костал Македонија и претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство.
Земајќи предвид дека очекувањата за автомобилската индустрија во Европа се пад од 25%, односно 4 милиони возила помалку споредено со 2019 та година, на глобално ниво ќе се произведат и продадат 19 милиони возила помалку. Падот во индустријата релативно слично ќе се преслика и кај нас. На оваа индустрија почива над 50% од македонскиот извоз. Плановите за дополнителни вработувања до крајот на годината секако се веќе надвор од игра кај повеќето компании освен неколку кои се во процес на раст и почнале со работа во изминативе 3-4 години. Секако, и нивниот раст ќе биде побавен од планираното, како што е и случајот со Костал на краток рок, вели Мизо.
-Какви се досега последиците од пандемијата по работењето на странските инвестиции со напредно производство во Македонија? Располагате ли со бројки за пад на нарачки, отпуштени работници, итн.?
Сите треба да бидеме свесни дека без разлика на тоа дали се странски или домашни компании во Македонија, последиците од пандемиската криза се можеби и најсериозни во поновата историја, пред се поради степенот на вмреженоста и меѓузависноста на економските активности на глобално ниво. Тука, странските компании со софистицирано производство се во понезавидна позиција споредено со другите, односно исправени се пред повеќе – димензионален предизвик во однос на исполнување на обврските кон своите странски клиенти, задоволување и одржување на поставените високи стандарди за квалитет на производството, потребите за висока професионалност на техничкиот кадар (кој е се’ помалку достапен во Македонија), постојано одржување и унапредување на интерконтиненталните канали за набавки, како и силната конкуренција.
На почетокот на месец март започна делумното намалување, додека кон крајот на месецот нарачките се редуцираа во просек за 60%. Во април продолжи овој негативен тренд, а до крајот на месецот се очекува пад за дури 90% или тотален прекин на производството. Да бидеме реални, во месец мај нема да има нагло рестартирање на 100% од производството. Тоа ќе се одвива полека и постепено, зависно од динамиката на нарачките.
Компаниите се обидуваат на секој можен начин да го задржат бројот на вработените преку користење на годишни одмори, ревидирање на работните односи и услови, кратење на бенефиции и непродуктивни трошоци. Во овој момент немаме информација дека некој формално е отпуштен од работа поради пандемијата, но тука не се исклучуваат промени во претстојниот период.
Присутните компании во Македонија ни малку не се имуни на новите негативните текови. Споредбено со јавната администрација, каде во некои органи, без разлика на тоа колку граѓани или фирми како странки ќе побараат одредена услуга која еден или десет службеници можат подеднакво да (не) ја обезбедат, а притоа платите да останат исти, во реалниот сектор ова е сосема поинаку – состојбата со нарачките од клиентите е во директна корелација па и услов за статусот на сите вработени во одредена компанија. Затоа компаниите мораат да се покреативни и да делуваат брзо. Тоа знаци итно реорганизирање на процесот и кратење на трошоци во услови на агресивна борба со конкуренцијата за одржување на стекнатите позиции и притисок за воведување на модерни технологии и иновации.
Каква е ситуацијата во Костал конкретно?
Во изминатите неколку недели го рестартиравме производството за Кина и имаме искористеност од околу 10% од нашиот капацитет. Според проекциите засега, влијанието на кризата за оваа година се очекува да биде пад од над 30% од планираниот приход. Но, оваа бројка може дополнително да варира зависно од должината на кризата, како и резултатите од глобалните фискални мерки за поддршка на економиите, пред се во Западна Европа и САД. Ние, во Костал Македонија, имаме поинаков однос со нашите вработени. Партнерски однос, заснован на меѓусебно почитување и поддршка. Како резултат на намалувањето на производството ниту еден вработен не е отпуштен, нема настап од позиција на појака страна во договорот за вработување па следствено менување на условите од истиот, како што тоа го прават некои работодавци, а се’ со цел да се променат условите на полошо. Нема нудење на спогодби или било какви други интервенции во насока на изигрување на работно – правните прописи поради намалениот обем на работа. За возврат очекуваме пред се’ лојалност, посветеност и професионализам. Во овој период се организираат обуки, онлајн презентации, а механизмите за превенција и заштита на животот и здравјето се адаптирани согласно Владините мерки и препораки, а често одиме и над нив. Го зголемивме бројот на автобуси за превоз на вработените за да обезбедиме што е можно поголема дистанца помеѓу вработените кои се превезуваат, соодветно ја организиравме работата и видот на оброкот кој се послужува во фабричката кантина, а обврската за носење на заштитни маски на работното место ја воведовме многу порано пред истата да стане задолжителна мерка на територијата на цела држава. Веќе пракса стана мерењето на телесната температура пред влегување во објектот. Исто така, го намаливме работното време во скратени смени, а работиме и на прилагодување на нашите погони за новите проекти кои доаѓаат во Охрид наменети за електрични возила како и нови проекти од електроника и мехатроника за Ауди, Јагуар И Ланд Ровер. Во овој период на неизвесност, мислам дека е многу битна комуникацијата и транспарентноста во внатрешното одлучување. Така, од самиот почеток на кризата сите наши вработени навремено ги информираме за интерните планови насочени кон справување со кризата.
При креирањето на мерките за поддршка на економијата, не можат да се применуваат исти аршини за големите странски извозни компании со напредно производство и малите и микро бизниси од услужната дејност, на пример. Првите го немаат проблемот на ликвидност од тој карактер, а имаат многу посериозно влијание врз локалната економија. Нивната поддршка значи и брзо закрепнување на економијата по завршување на кризата преку големиот број на вработувања, уделот во извозот и генерално во приливот на странски капитал и трансфер на знаења. Како што со млак чај и витамин Ц не можете да се борите со пандемијата – така не можете ни со шаблонски мерки успешно да одговорите на потребите на овие компании.
-Како ги оценувате досегашните антикризни мерки донесени од Владата? Дали се адекватни, доволни, или како асоцијација имате ваши конкретни предлози што уште треба да се направи за да им се олесни на компаниите во оваа криза?
До сега не видовме мерка со која на ефективен начин се поддржуваат компаниите за вработените кои отсуствуваа од работа поради владините мерки (карантин, самоизолација, ранливи здравствени групи, родители на деца под 10 години и др). Компаниите сами ги подмирија трошоците за нивните плати од март иако не доаѓаа на работа и имаа ограничен удел во работата на компаниите во и така влошената деловна состојба во индустријата. Многу земји воведоа посебни мерки преку кои заеднички со компаниите ги делеа трошоците за овие вработени.
Сите сме свесни дека вирусот почна да го собира данокот од економијата уште со почетокот на годината, а тоа се интензивираше со ширењето во Европа. Ако усвоените уредби за економските мерки, се однесуваат за периодот на вонредната состојба односно за компаниите кои се погодени од здравствено -економската криза, не е логично исклучувањето на поддршката за месец март.
Понатаму, што со оние компании кои се во инвестициски циклус, имаат реализирано вработувања, па критериумот од Уредбата за пад на 30% од приходи не е соодветно апликативен бидејќи падот на приходи е драстично поголем во однос на проектираните приходи за периодот. Обврска за враќање на средствата и за задржување на работа на сите вработени, без разлика дали за сите од нив е користена помошта се исто така во својата суштина проблематични. Мора да се има предвид дека овие компании, според претходно склучени договори за државна помош, имаат обврска да инвестираат импозантни износи на средства во земјата и воедно да ги задржат вработените на многу подолг период споредено со периодот предвиден со мерките.
Главна забелешка е дека при креирањето на мерките за поддршка на економијата, не можат да се применуваат исти аршини за големите странски извозни компании со напредно производство и малите и микро бизниси од услужната дејност, на пример. Првите го немаат проблемот на ликвидност од тој карактер, а имаат многу посериозно влијание врз локалната економија. Нивната поддршка значи и брзо закрепнување на економијата по завршување на кризата преку големиот број на вработувања, уделот во извозот и генерално во приливот на странски капитал и трансфер на знаења. Како што со млак чај и витамин Ц не можете да се борите со пандемијата – така не можете ни со шаблонски мерки успешно да одговорите на потребите на овие компании.
Не е доцна за усвојување на нов пакет мерки специјално дизајниран, кој ќе вклучува поддршка за вработените и во месец март, учество до 50% од вкупните трошоци за бруто платите или исплата на минимална бруто плата по вработен. Прифатливо би било и оваа поддршка од државата да биде исплатена кон компаниите одложено, до крајот на тековната или до крајот на првата половина од наредната година, зависно од кондицијата на државниот буџет.
Паралелно, мора да се гледа и долгорочно, значи овој нов пакет да биде проследен со развојни компоненти во насока на подобрување на конкурентноста на присутните и компаниите кои дополнително би можеле да инвестираат во земјата. Намалување на високите царински стапки за увоз на одредени материјали станува императив. Тоа е старо прашање на кое подолг период се очекува системски одговор од државата.
На крај, сите сериозни корпорации ќе вршат длабински анализи и компарации за државната поддршка која ја добиваат нивните експозитури во земјите од регионот. Ова ќе биде одредницата клучна за натамошно ширење на производството во земјата и вклучување во новите текови на пост -пандемиската автомобилска индустрија.
Соседна Србија е наш најголем конкурент во привлекувањето на странски инвеститори посебно во автомобилскиот сектор. Таму се алоцираат големи средства за економски мерки наменети исклучиво за големите компании. Ова не е случајно. Битно е секоја национална економска политика да знае во која насока сака да се движи по завршување на кризата и соодветно да ги креира мерките за поддршка.
-Какви се вашите очекуваа за последиците што земјава ќе ги има поради корона – кризата? За каква економија ќе зборуваме допрва, колку време ќе помине за да може да зборуваме за некаков раст и сл.?
Очекувам дека ќе има ефекти пред се’ кон извозот. Земајќи предвид дека очекувањата за автомобилската индустрија во Европа се пад од 25%, односно 4 милиони возила помалку споредено со 2019 та година, на глобално ниво ќе се произведат и продадат 19 милиони возила помалку. Падот во индустријата релативно слично ќе се преслика и кај нас. На оваа индустрија почива над 50% од нашиот извоз. Плановите за дополнителни вработувања до крајот на годината секако се веќе надвор од игра кај повеќето компании освен неколку кои се во процес на раст и почнале со работа во изминативе 3-4 години. Секако, и нивниот раст ќе биде побавен од планираното, како што е и случајот со Костал на краток рок. Најголемо прашање и се’ уште без можност да се одговори со сигурност е како и колкав број од своите вработени компаниите ќе успеат да задржат. Ова ќе зависи пред се’ и од мерките на Владата, но и од интерните одлуки на фирмите (пред се’ на глобално, а не на локално ниво) зависно од динамиката на закрепнувањето на побарувачката, а со тоа и на производството, и комбинацијата на крајни клиенти бидејќи сите нема да се исто погодени – како на ниво на автомобилски компании, така и на модели и технологии.
За автомобилската индустрија, реалистични сценарија се дека за враќањето на минатогодишното ниво на глобална продажба ќе треба да поминат неколку години. Јас очекувам дека на локално ниво, растот во економијата ќе се врати идната година. Но, имајте предвид дека тоа ќе биде споредено со база која ќе биде многу ниска, посебно што ако од првично предвидениот раст од 4% БДП за 2020 паднеме на прогнозираните -4%.
Целото интервју на Капитал