Економија 01. ноември 2019. / 20:15

Министерство за Финансии: Прагот за ДДВ обврзници се зголемува на два милиона денари

Министерство за Финансии: Прагот за ДДВ обврзници се зголемува на два милиона денари

Со измените во Законот за данок на додадена вредност, кои ги прави Министерството за финансии, прагот за ДДВ обврзник ќе се зголеми од еден милион денари на два милиони денари, велат од министерството за финансии.

Сеопфатата анализа на Министерството за финансии покажала дека наплатата на ДДВ од даночни обврзници со промет до два милиони денари е само околу 8,7 милиони евра, додека даночната администрација троши повеќе време за ДДВ обврзници кои придонесуваат со два проценти во вкупната наплата на ДДВ, отколку на оние кои придонесуваат со 73 проценти. Исто така, како што наведуваат од министерството, со таа измена, Владата ќе им даде поддршка на малите и средни компании да растат и да се развиваат.

– Знаете дека темата за прагот стана актуелна откако во јавноста претставници на владата, уште пред таа да биде формирана гласно зборуваа дека прагот за ДДВ треба да се зголеми. Јавната дебата и притисок од јавноста за исполнување на ова усно дадено ветување се уште не е згасната и денеска сакам и таа да ја адресирам. Затоа, ќе предложиме и промена на периодот во кој обврзникот е должен да остане во системот на ДДВ и истиот ќе го скратиме на три години од тековните пет години. Со тоа сите правни и физички лица кои во 2019 година не го надминуваат новопоставениот праг, ќе може доброволно да се дерегистрираат од системот – изјави министерката за финансии Нина Ангеловска, образлагајќи ги предлог-измените.

Ангеловска посочи дека анализата покажала оти од обврзниците кои остваруваат промет до два милиони денари годишно државата прибира само 8,7 милиони евра.

Министерката посочи и дека има 11.375 правни и физички лица кои се ДДВ обврзници кои во 2018 година имале промет под 1 милион денари. Овие физички и правни лица, се регистрирале кога надминале 1 милион, а потоа биле обврзани да останат во системот во следните 5 години, без оглед колку промет остваруваат. Голем дел од нив придонесуваат нула или многу малку, а се товар за системот од една страна, а од друга страна и админстрацијата е товар за нив.