Економија 02. октомври 2019. / 13:10

Министерот Бектеши ја потпишал одлуката за раскинување на договорот за Иловица

Министерот Бектеши ја потпишал одлуката за раскинување на договорот за Иловица

Министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека вчера го потпишал документот со кој ќе се бара одлука за раскинување на договорот за експлоатација на рудникот Иловица Штука, откако Второстепената комисија донесе одлука со која се раскинува договорот со компанијата „Еуромакс Рисорсис“, пренесува Нова.

Одлуката е конечна и ние како Министерство постапивме по неа. Вчера ја потпишав одлуката за едностран раскин на договорот за Иловица и сега таа оди пред соодветните комисии и пред Владата, каде што треба да се расправа и донесе соодветна одлука – изјави Бектеши.

На најавата за тужба од оштетената компанија Еуромакс ресурсис која инвестираше во досегашните работи, министерот за економија Бектеши рече дека внимателно ги следат сите законски процедури и се подготвени на секој можен чекор.

Многу внимателно ги следиме сите процедури, за да не ја ставиме државата во незгодна ситуација која би ја одвела на Арбитражен суд. Ако другата страна реши да оди на арбитража да бидеме подготвени како држава и како Влада – рече Бектеши.

Компанијата „Еуромакс Рисорсис“ вчера на веб страницата најави дека ќе се жали на суд на одлуката на владината комисија.

Според известието добиено од владината Комисија, нашата компанија има право на жалба пред административен суд во Северна Македонија во рок од 30 дена. Бидејќи сметаме дека имаме силен правен основ, компанијата намерава да вложи жалба – се вели во соопштението од канадската компанија, при што се напоменува дека, доколку сметаат дека е неопходно ќе применат и други правни инструменти, вклучувајќи ја тука и меѓународната арбитража.

Во соопштението од „Еуромакс Рисорсис“, исто така, се наведува дека одлуката на Владата и на второстепената владина комисија ја засега само едната од двете концесии за рудникот Иловица, концесијата број 6, додека пак компанијата сè уште ја има концесијата под реден број 11. Втората концесија, која исто така се наоѓа на просторот каде што требаше да се отвори рудникот Иловица е всушност просторот каде требаше да биде изградено хидројаловиштето.

Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен пред два дена ја потврди одлуката на Министерството за економија и го одби барањето на Еуромакс Ресурси за дозвола за експлоатација на руда во рудникот во Иловица – Штука.

„Еуромакс“ се жалеше на одлуката на Владата за одземање на концесијата затоа што компанијата не ги доставила сите потребни документи кои се бараат согласно Законот за минерални суровини за добивање на дозвола за експлоатација.

Невладини организации и жители на Струмица, Босилово и Ново Село со месеци организираа протести против отворање на рудникот. Наспротив нив од компанијата уверуваа дека при ископувањето на руда ќе се користат сите модерни технологии за заштита на животната средина.