Економија 24. декември 2018. / 20:34

Милевски: Не го поддржавме воведувањето на прогресивен данок – тоа е спротивно на нашите либерални постулати

Милевски: Не го поддржавме воведувањето на прогресивен данок – тоа е спротивно на нашите либерални постулати

Лидерот на ЛДП, Горан Милевски, на својот Фејсбук профил го коментираше денешното гласање за прогресивен данок во Собранието.

Тој кажа дека овој закон е против залагањата на неговата партија и затоа ЛДП не го поддржа.

– Собранието денес без поддршка од ЛДП ги усвои измените во даночниот систем со воведување на прогресивен данок но и оданочување на доходот од закуп, подзакуп, дивиденди, капитални добивки, игри на среќи и друг доход да се врши со примена на единствена даночна стапка од 15 отсто.

Оваа политика беше најавена во програмата на Владата, но е спротивна на долгогодишните програмски залагања на ЛДП за рамен данок и пониски даночни стапки.

Заедно со бизнис заедницата, со претприемачите, со информатичарите, со уметниците, со лекарите, со професорите, со креативните творци во нашето општество укажувавме дека ова е погрешен чекор. Мнозинство во коалицијата денес направи грешка.

Ќе продолжиме да се бориме за нашите либерални постулати. Македонија мора да биде конкурентна, Македонија мора да стимулира креативност, Македонија мора да биде привлечна за странски инвестиции. Не смееме да дозволиме одлевање на капиталот и инвестициите од Македонија, особено во соседните земји кои нудат поконкурентни услови.

Ќе ги следиме економските показатели и веќе наредната година кога ќе се увиди дека денешниот чекор е непродуктивен, ќе инсистираме, Собранието да ја врати политиката на рамен данок и на ниски оданочувања. – напиша Милевски на Фејсбук.