Директорот на Делегацијата на германското стопанство во земјава, Патрик Мартенс, ги потсетува компаниите-членки дека стартуваше почетниот сигнал за отпочнување на преговорите за пристапување во Европската Унија за Албанија и Македонија и им вели дека по завршувањето на кризата со корона вирусот сака да играат водечка улога во преструктуирањето на глобалните синџири на добавувачи.
– Сега во земјите треба да се подобрат економско-политичките рамковни услови како и да се реализираат нови инвестиции во инфраструктурни проекти, само на тој начин Албанија и С. Македонија ќе бидат заштитени од заминување на работоспособните кадри и празнење на државите – вели Мартенс.
Како начин за останување на кадрите во земјава тој го посочува дуалното стручно образование што се реализира по германскиот модел.
– Нашите компании-партнери во спроведување на дуалното стручно образование, како и средните училишта кои се дел од овој проект даваат мал придонес во рамките на стручното образование. Среќни сме што во август ќе воведеме дуално стручно образование и во градовите Скопје и Тетово – посочува Мартенс.
Тој додава дека во последните две недели биле во постојан контакт со Владата.
– Имавме можност да и ги пренесеме Вашите грижи и да побараме објаснување на прашања кои во моментов не Ви се јасни. Во моментов за мене најприоритетна е задача да водам активна комуникација за кризата со Владата за јасно да ги изразам Вашите интереси и грижи пред нејзе. Сите наши сили сега се фокусирани на опстанокот на Вашата компанија. По кризата сакаме да играме водечка улога во преструктуирањето на глобалните синџири на добавувачи – им порачува Мартенс на германските компании во земјава.