Економија 04. јуни 2018. / 18:17

Мариово ќе биде пилот-регион за органско земјоделско производство

Мариово ќе биде пилот-регион за органско земјоделско производство

Се подготвува оглас за доделување на државно земјоделско земјиште, кое исклучиво ќе биде наменето за органско земјоделско производство, како и за распределба на државно земјиште за производство на органска сточна храна.

„Македонија има поволни агроеколошки услови за развој на органското земјоделско производство, затоа започнуваме со реализација на пакет мерки за стимулирање и унапредување на овој тип производство.“

Вака министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, ги најави мерките на Владата во рамките на тркалезната маса со наслов „Како да се поттикне органското производство на храна“.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) уверуваат дека нивната заложба за органско производство не е само декларативна. Министерот Николовски вели дека тие ги воочиле сите предности што ги нуди органското производство, но истовремено и потенцијалот што го има Македонија. За таа цел, во МЗШВ подготвуваат оглас за доделување државно земјоделско земјиште, кое исклучиво ќе биде наменето за органско земјоделско производство. Исто така, Министерството ќе објави и друг оглас за распределба на државно земјиште за производство на органска сточна храна.

Во насока на дополнително стимулирање на органското производство, финансиската поддршка за развој на ова производство за тековната 2018 година е зголемена од 61 на 81 милион денари. Истовремено, субвенциите за земјоделците кои го практикуваат органското производство се зголемени до 100 отсто во однос на оние за конвенционално производство.

Она што е од исклучителна важност за зголемување на органското производство е измената на законската регулатива која ќе овозможи одредени подрачја целосно да бидат сертифицирани како органски региони. Тоа во огромна мера ќе ја поедностави процедурата за добивање сертификат со кој земјоделците ќе докажат дека нивните производи се од органско потекло.

Од Министерството истакнуваат дека се води сметка за заштита и на потрошувачите. За таа цел, во финална фаза на подготовка е „Регистер на органски оператори“, кој ќе нуди точни податоци за сите производители: сертификација, вид на култури, локација на производството и планираните количини. На тој начин ќе бидат елиминирани сите можни манипулации, така што секој потрошувач ќе знае дали производот што го набавил навистина е органски, кој го произвел и каде.

Според најавите од МЗШВ, планирано е еден од пилот-регионите што ќе бидат сертифицирани за органско производство да биде прилепскиот дел од Мариово.

Во иницијативата за сертифицирање се вклучени претставници на МЗВШ, Општина Прилеп, швајцарската фондација „Свис контакт“, сертификациската куќа за „Биосерт“, професори од Земјоделскиот факултет во Скопје, како и Организацијата на потрошувачи. Во моментов се работи на истражување на бројот на производи и производители кои произлегуваат од ова подрачје. Се разгледуваат можностите за примена на моделите од земјите членки на ЕУ, како Германија, Словенија и Хрватска, кои веќе имаат воспоставено стандарди и правилници за сертифицирање и заштита на региони.

Ваквиот пристап ќе придонесе кон зголемување на можностите за генерирање на дополнителни приходи на локалното население, како и дизајнирање на мерки со кои ќе се поттикне привлекувањето на младо население кое би почнало сопствен бизнис во сертифицираните подрачја. Во перспектива, целиот овој проект на МЗШВ може да значи и поттик за повторно заживување на селата, односно миграција на населението од град во село.