Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, учествуваше на денешната инфо-сесија посветена на предлози и измени на Законот за инспекциски надзор.
Притоа министерот нагласи дека постоечкиот закон се карактеризира со голем број на одредби кои честопати се меѓусебно противречни.
-Ова особено се однесува на проблемите кои субјектите, граѓаните и бизнисите ги имаат при инспекциските контроли, но и поставеноста на инспекциските служби во системот на државни органи, нивната линија на одговорност и обврските што ги имаат кон Инспекцискиот совет, рече Манчевски.
Според министерот, во досегашното постоење инспекцискиот совет не придонел за остварување на целите заради кои бил формиран, а инспекциските служби се преоптоварени со обврски од административна природа кон советот.
-Инспекцискиот надзор мора да престане да биде механизам за полнење на буџетот. Инспекцискиот наздор мора најпрвин да има советодавна улога. Субјектите најпрвин да добијат опомена и рок да ја отстранат неправилноста, пред да се изрече казна. Само на таков начин инспекцијата нема да се доживува како репресија. Овие измени на законот, конечно го предвидуваат тоа. Од ова голема корист ќе има бизнис заедницата, рече Манчевски.
Тој потенцираше дека со новиот закон се воведува опомена за фирмите пред репресивни мерки, како исполнување на ветувањето до компаниите дека нема веднаш да бидат казнувани.