Економија 25. јуни 2018. / 16:14

Македонското градежништво бележи огромен пад

Македонското градежништво бележи огромен пад

Градежништвото е во слободен пад. Анализата на градежниците покажува дека бројките се во огромна негатива. Најлоша е состојбата со нискоградбата каде намалувањето е за речиси 70 проценти во првиот квартал годинава во однос на првите три месеци од ланската година. Овие негативни бројки се резултат на застојот на изградбата на автопатската делница Кичево – Охрид и на експресниот пат Прилеп – Градско. Стопираните градежни активности во земјава од лани резултирале со пад на градежништвото во БДП од 13,7 отсто.

„Номинална вредност на договорените работи има така, има пад. За разлика од првиот квартал во 2017-та, во 2018-та првото тромесечие имаме намалување од 51%. Исто така и номиналната вредност на извршени работи исто така бележи голем пад во првиот квартал од 39,9%“, изјави Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништво.

Во првиот квартал од година во однос на истиот период лани има за 30% намалување и на одобренијата за градење. Во истиот период лани се изградиле 3.050 станови, а за годинава биле предвидени околу 2 илјади. И понатаму граѓаните купуваат стан според локацијата, а не внимаваат многу на квалитетот на градбата.

„Скап стан не е локациски добар стан, скап стан е технолошко – технички, изграден со материјали од највисок квалитет, што нуди најдобри услови за живот“, вели Серафимовски.

Инаку, во земјава работат над 50 илјади лица во околу 4 илјади градежни компании. Од градежниот сектор бараат, поради лошите актуелни показатели во овој сектор, владата да им даде парична помош на компаниите кои работат во странство.