Денеска во Собранието се одржа 20. седница и се дебатираше за Предлог-законот за задолжување со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка за финансирање на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, по скратена постапка.
Со коментар на оваа тема се јави Благица Ласовска, пратеник од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ на денешната собраниска седница.
– Два дена веќе дебатираме за овој предлог закон заемот од Светска банка по однос на финансирање на проекти за енергетска ефикасност и се обидуваме како опозиција да ги убедиме колегите од владејачкото мнозинство да најдеме аргументи , а ги има многу зошто овој заем не е добар. Нашите колеги се обидуваат пак нас да не убедат дека еве енергетската ефикасност , а тоа се единствените впрочем контра аргументи дека енергетската ефикасност е потребна итн. Тоа е апсолбирано прашање и нема потреба за тоа да говориме. Значи секој од нас знае што значи енергетско ефикасни згради, општини, улични светилки итн. Сите доаѓаме од општина во која што претпоставувам барем по еден проект имаме таков, истакна Благица Ласовска.
Ласовска додаде дека ВМРО-ДПМНЕ генерално како опозиција има негативен став кон сите заеми кои што доаѓаат како предлог закони.
– Ова законско решение, овој договор впрочем е склучен во декември 2019-тата година, тогаш немавме пандемија и тогаш задолжувањето јавниот долг не беше 60%. И има искуство тука во Собранието како позиција и опозиција без разлика колку сме се критикувале и едните и другите сме ги гласале тие заеми, дали се патишта, дали за било каков заем. Но, сега две години подоцна секоја домаќинска Влада би требало да седне и да ги преиспита сите заеми за задолжување. Долгот е голем. Тоа не го велиме само ние како опозиција, минатата недела го слушав поранешниот министер за финансии Никола Поповски кој употреби благи зборови за да не ве повреди претпоставувам, дека ние веќе не сме во комфорна зона за заеми, појасни Ласовска.
Ласовска ги потсети пратениците од СДСМ кога биле опозиција како велеле дека толку многу е задолжена Македонија што треба бубрези да продаваат за да се раздолжи. Но сега наместо граѓаните да ги продаваат вие сами им ги вадите.