Економија 29. јули 2019. / 16:39

КСС бара Владата да се откаже од идејата за трансфер од јавен во приватен сектор

КСС бара Владата да се откаже од идејата за трансфер од јавен во приватен сектор

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија бара Владата и Министерството за информатичко општество и администрација да се откажат од идејата за трансфер од јавен во приватен сектор, бидејќи како што велат, идејата воопшто не е издржана, а уште потешко е да се имплементира во пракса.

Во соопштението на Синдикатот се наведува дека Владата треба да се насочи кон други мерки што ќе помогнат да се пополнат дефицитарните кадри во приватниот сектор, а не преку трансфер на вработените од јавниот сектор.

Да се замрзнат вработувањата во јавниот сектор, а не да се вработуваат нови партиски и нестручни кадри, а потоа да ги “трансферираат” оние кои имаат подолго искуство. Вработените во јавниот сектор се изложени на постојан притисок со „трансферот”, а досега нема предложено никаков конкретен модел, соопштуваат од Синдикатот.

Посочуваат дека пазарот на трудот е отворен и секој кој сака може да работи и во приватен и во јавен сектор, а Владата со конкретни мерки да помогне на работодавачите за да може приватниот сектор да биде попривлечен и одливот на вработени ќе се реши по природен пат, а не со мерка која е вештачка и не одговора ниту на работодавачите, ниту на работниците.