„Метро-Транс“, единствениот превозник со директна линија од Крушево за Скопје, од минатата седмица реши да ги укине повратните билети и да воведе билет во еден правец кој ќе чини 430 денари.
Ова наиде на револт на крушевчани и останатите туристи кои доаѓаат во градот, сметајќи дека картата е премногу скапа,објавува Фокус.
Управителот на „Метро-Транс“, Сеат Топалоски, ни изјави дека причината за ваквата одлука е поради финансиски причини.
-Економски беше неисплатливо и мораше да се случи тоа. Мислам дека цената е реална, и ако сакам ќе ја покачам на 530 денари. Се изминуваат околу 400 километри до Крушево и назад. Јас како сопственик имам право на тоа. Освен тоа, патиштата ни се мошне лоши и од камен да беа возилата ќе попуштеа. Што се однесува до патниците, тие треба веднаш да си ги заверат картите при пристигнување, а не да трчаат во последен момент кога си одат за Скопје или Крушево- вели Топалоски.
Според градоначалникот на Крушево, Томе Христоски, ваквиот развој на настаните не оди во прилог на градот.
-Во однос на покачувањето на картите јас како градоначалник не можам да зборувам зошто тоа е така, затоа што тоа е пазарна економија и тоа е работа на претприемачот. Сепак, поскапувањето во никој случај не значи добро за град како што е Крушево и развојот на туризмот кон кој локалната самоуправа се стреми. Колку што сум запознаен, соодветен инспектор е на терен и врши увид во работењето, а секако и службите делуваат по евентуални пријави на незадоволни патници. Сепак, во комуникација сме со дел од превозниците и последната неофицијална информација која ја добивме е дека Пелагонија транс повторно ќе ја воспостави линијата Крушево-Скопје-Крушево што, доколку се оствари, очекуваме цените да се намалат и сите да добиеме подобра и поевтина услуга. Ние ќе продолжиме да комуницираме со сите засегнати страни за граѓаните и посетителите на Крушево да добиваат подобра услуга, а што е најважно продолжуваме со изградба и промоција на општината за привлекување повеќе туристи-истакна Христоски