Економија 20. август 2020. / 10:59

Крупните штедачи на Еуростандард банка повикуваат на обединување

Крупните штедачи на Еуростандард банка повикуваат на обединување

Штедачите во „Еуростандард банка“ кои имаат повеќе од 30.000 евра на сметките повикуваат на обединување за да се организираат и да се претстават пред сите домашни и меѓународни институции со еден претставник.

Дел од нив денеска упатија апел до медиумите да го објават нивниот повик до штедачите кои треба да бидат обештетени. Станува збор за 780 штедачи кои имаат влогови над 30.000 евра во банката.

-За обештетување на своите средства ние ќе мора да се потпреме на правилноста и функционалноста на нашиот систем и стечајните постапки како такви. Впрочем, функционирањето на истиот тој систем нѐ доведе и до оваа состојба за свои тешко спечалени пари да одлучува некој друг. Со цел најтранспарентно водење на стечајната постапка сметаме дека ние 780 штедачи мора да се организираме и да бидеме претставени пред сите институции домашни и меѓународни од еден претставник професионалец во тоа поле, повикаа дел од штедачите.

Тие сметаат дека треба да се самоорганизираат и веднаш да преземат мерки, а засега контактот им е адресата [email protected].