Косово во текот на неделава треба да ја повлече одлуката за зголемените царини кон Македонија. Според неофицијалните информации, одлуката треба биде повлечена утре, за кога е закажана седница на косовската Влада.
Како што изјави македонскиот министер за економија, Крешник Бектеши, по средбата со косовскиот министер за трговија и индустрија, Бајрам Хасани, добил уверување дека проблемот мора да го реши косовската влада која и ја донела одлуката за зголемените царини.
„Добив уверување од косовската страна дека нашите забелешки ќе бидат земени предвид со оглед на фактот што станува збор за владина одлука. На првата наредна седница на Владата на Република Косово, аргументите кои ги дадовме од наша страна ќе бидат изнесени пред членовите на Владата за да се изнајде решение кое ќе биде взаемно прифатливо. Јас и лично верувам дека во најсокоро време ќе ја продолжиме досегашната одлична трговска соработка, во корист на земјоделските производители и бизнис заедницата од двете страни“, изјави Бектеши.
Неодамна косовската влада донесе одлука со која ги зголеми за 30 отсто царините на 21 земјоделски производи со објаснување дека со тоа им помага на домашните производители. Набрзо ја смени одлуката, но останаа повисоките царини за доматите, пиперките, јаболката, крушите, сливите, малините и грозјето, на кои отпаѓа најголем дел од македонскиот извоз на косовскиот пазар кој само по оваа основа е вреден шест милиони евра.