Економија 05. септември 2019. / 13:57

Косово ја укина забраната за увоз на компир и мед од Македонија

Косово ја укина забраната за увоз на компир и мед од Македонија

Косово ја укина забраната за увоз на мед и компир од земјава, а Северна Македонија го стави Косово повторно на листата земји од кои е дозволен увоз на икра и подмладок од риба, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

На прес-конференција во Владата, Бектеши рече дека ќе нема компромис и отстапки кога се работи за стандардите што треба да ги исполнуваат извозниците.

Пред неколку часа од косовска страна бевме информирани дека е укината бариерата за извоз на мед и компир во оваа земја – информира министерот.

Одговарајќи на новинарско прашање, Бектеши уште еднаш повтори дека нула е штетата од забраната што беше воведена пред околу еден месец.

Владата, потенцира Бектеши, останува посветена на продлабочување на соработката со Косово.

На 16 август Косово забрани увоз на компири и мед од Македонија, како одговор на забраната што земјава ја воведе за увозот на риба за порибување од Косово.

На 30 август министерот за трговија и индустрија на Косово, Ендрит Шала испрати писмо до министерот за економија Крешник Бектеши со кое го информира дека Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово веќе ја испратила потребната документација до Агенцијата за храна и ветеринарство на Македонија со кои се докажува дека се исполнети условите за увоз на икра и материјал за порибување.