Агенциите за недвижности во главниот град по двомесечна пауза поради кризата со Ковид-19 повторно работат, пазарот бележи раздвижување, но само кај продажбите на становите, каде што нема промени во цените. Закупите на станови се значитено намалени затоа што голем дел од нив се испразнети. Продажба и издавање на куќи речиси и да нема.
Од Агенцијата за недвижности „Флокс“ велат дека во текот на март, април и половината од мај биле целосно затворени, колку што можеле работеле од дома, а интересот за купување и изнајмување бил сведен на минимум и немало реализации. Втората половина на мај кога повторно ја отвориле агенцијата забележале раздвижување на пазарот, односно имало интерес за купување, но не и за изнајмување.
Можам слободно да кажам дека интересот за купување беше со поголем од очекувањата, односно речиси ист како во периодот пред епидемијата. Таквиот интензитет на побарувачката можам да претпоставам дека се должи или на тоа дека после еден подолг период на стагнација наеднаш се јавија сите потенцијални купувачи кои што во текот на март и април го одложуваа купувањето, или пак граѓаните покажаа зголемен интерес за вложување на средствата во недвижности како посигурна инвестиција споредбено со чувањето на готовина. Интересот за изнајмување на недвижности беше сведен на минимум – вели за МИА Билјана Василевска од Агенцијата за недвижности.
Од средината на мај откако повторно работат регистрираат дека се купуваат претежно станбени објекти, а закупот е сведен на минимум.
Промени во цените во изминатите месеци не се забележани. Нашите прогнози се дека доколку се смири епидемијата, поголеми промени како резултат на она што досега ни се случуваше со епидемијата ќе нема. Но, не сме сигурни како во иднина ќе се развиваат работите во однос на економијата, така што постои неизвесност – забележува Василевска.
Како што истакнува таа, како правен субјект на пазарот се трудат максимално да ги почитуваат препораките и мерките на здравствените власти.
Секако дека секојдневните работни обврски ни се значително отежнати, состаноци се трудиме да не одржуваме освен во случај на неопходност. Но, полека се привикнуваме на новиот начин на функционирање – наведува Василевска.
Слични се констатациите и на останатите агенции за недвижности што ги контактира МИА. Економско-здравствената криза има првично влијание на состојбата на пазарот на недвижности во главниот град, но ударот засега не е преголем иако има зголемена понуда и намалена побарувачка. Некои од нив имале добар старт во работата на почетокот на годината, па првичниот кризен период го поминуваат без значителни проблеми, но и тие потенцираат дека останува неизвесноста од натамошниот тек на справувањето со Ковид-19, како и политичката состојба.
Засега нема пад на цената за продажба на становите, а минимални надолни корекции има на закупите, Корекции на закупите може да има кај 40 проценти од закуподавачите оние кои се зависни од тој извор на финансирање. По настапувањето на кризата голем дел од становите што се издаваа се испразнија, а речиси и да нема трансакции за продажба или издавање на куќи, откако се затворени границите и е стопиран влезот на странците кои се речиси единствените кои закупуваат ваква недвижност – велат за МИА од агенција за недвижности присутна 25 години на пазарот во Скопје.
Како што оценуваат, цените можеби ќе се променат за извесен период ако продолжи ваквата состојба и банките ги „заострат“ условите за кредитите.
Во секој случај кризата има влијание, но премногу е краток периодот да се оцени генерално затоа што има и инвеститори кои се јавуваат и бараат плацеви за да градат, а тоа покажува дека се уште има интерес за градба – наведуваат од агенцијата.
Тие имаат обезбедени плацеви, но поради мораториумите за градба не можат да градат па затоа бараат алтернативни локации каде ќе можат да градат.
Податоците на агенциите покажуваат дека метар квадратен станбена површина во најатрактивните општини во главниот град, Центар, Аеродорм и Карпош и натаму се движат околу 1.150 евра. Најбарани се становите од 40 до 50 квадрати со една спална соба и се продаваат уште во тек на градба, а без проблем се продаваат и тие од 50 до 60 квадрати.
Како што објаснуваат, и во услови на тековната здравствено економска криза цената за издавање зависи од тоа кој колку е зависен финансиски од станот што го дава под закуп. Ако е зависен од парите ја корегира цената, а тие што не се зависни ја држат цената. Од тие што се зависни, на пример, ако го издавал 250 евра кога му се ослободил, а многу станови се ослободија со кризата, на почеток тргнуваат со истата цена, но по извесен период ја намалува на 210 до 220 евра но не се оди по тој износ. Шеесет проценти од закуподавачите не се зависни од парите од закупот, а 40 проценти имаат потреба од тие средства и затоа прават минимални корекции на цената.