Економија 05. септември 2018. / 16:04

Компанијата „Кранфилд Фаундри“ ја зголемува инвестицијата

Компанијата „Кранфилд Фаундри“ ја зголемува инвестицијата

Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, во име на Владата денескa потпиша анекс на договорот за доделување државна помош со компанија „Кранфилд Фаундри“, претставувана од претседателот, Сергеј Кручинин.

Со потпишувањето на анексот, првично планираната инвестиција од 15 милиони евра компанијата ќе ја зголеми на 20 милиони евра и ќе отвори најмалку 100 нови работни места, кои со реализацијата на целиот инвестициски проект ќе достигнат до 280 вработувања. Станува збор за изградба на современа фабрика за леење железо во индустриската зона Неокази, општина Пробиштип, која ќе работи според највисоките еколошки стандарди и ќе испорачува производи главно наменети за автомобилската индустрија.

„Владата уште еднаш го потврдува својот партнерски однос што го гради кон странските инвеститори и ја демонстрира својата максимална посветеност за отстранување на сите пречки со кои се соочуваат инвеститорите во реализација на нивните проекти во Македонија“, рече Апостолска.

Од страна на компанијата се реализирани сите подготвителни градежни активности, потпишани се договори со добавувачите за производствениот капацитет, како и за набавка и инсталација на потребната опрема за производство. Дел од машините за производство веќе се увезени во Македонија и од страна на компанијата се договорени првите нарачки со клиентите за испорака на производите.