Економија 24. февруари 2020. / 18:00

Ќе се поддржуваат проекти од Зелена економија и енергетска ефикасност

Ќе се поддржуваат проекти од Зелена економија и енергетска ефикасност

Премиерот Оливер Спасовски, во придружба на министерката за финансии Нина Ангеловска и министерот за економија Крешник Бектеши, како дел од агендата од еднодневната работна посета на Лондон по повод Самитот за Западен Балкан на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), оствари средба со Мартина Ларкин, извршна директорка на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос, Швајцарија.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба, било споделено заедничкото задоволство од соработката на Владата  со СЕФ, како глобален форум за презентација и за привлекување на интересот на странските влади и компании за економска соработка со нашата земја.

Премиерот Спасовски на средбата истакнал дека Светскиот економски форум во Давос е место на кое С. Македонија ги презентира сопствените искуства во областите кои се во фокусот на светската економија како што се енергетиката и енергетските реформи со доминантна улога на транзицијата кон обновливи извори на енергија, потоа определбата да се следат трендовите на Зелената економија, односно на давањето предност на незагадувачките и енергетски ефикасните индустрии, како и придобивките од четвртата индустриска револуција, односно дигитализацијата на услугите и на економските процеси.

Во насока на поддршка на проекти од Зелена економија и енергетска ефикасност, денеска во Лондон, во седиштето на ЕБОР, договор за менаџирање на кредитните линии за оваа намена за мали и средни претпријатија како и за граѓаните потпишаа членови на Управниот одбор на ЕБОР и д-р Глигор Бишев, претседател на Управниот одбор и генерален извршен директор на Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје.

Потенцијалите за взаемна поддршка на полето на обновливите извори на енергија била тема и на средбата на премиерот Спасовски со менаџерскиот тим на една од водечките француски компании во ова поле „Акуо Енерџи“.