Економија 06. јули 2018. / 18:56

Кинеските инвестиции во источна Европа под лупа на ЕУ

Кинеските инвестиции во источна Европа под лупа на ЕУ

Кинескиот премиер Ли Киџијанг утре во Софија ќе се сретне со лидерите на земјите од источна Европа, а на средбите ќе бидат разгледани ветувањата на Пекинг за големи инфрастуктурни договори во регионот. Кина утре се среќава со лидерите од централна и источна Европа, на самит на кој ветувањата на Пекинг за големи инфраструктурни договори ќе бидат предмет на поголем надзор.

Претставници од балтичките и балканските земји ќе се сретнат со кинескиот премиер Ли Киџијанг на седмиот по ред самит „16+1“, што ќе се одржи во Софија, надевајќи се на нови инвестиции од кинески компании поддржани од државните банки.

Покрај самитот, на специјалниот економски форум, се очекува да присуствуваат преку 250 кинески компании и 700 бизнисмени од централна и источна Европа.

„Главната цел ни е да го зголемиме кинеското деловно присуство во Бугарија и во целиот регион на централна и источна Европа“, изјави за Ројтерс бугарскиот заменик-министер за надворешни работи, Ѓорѓи Георгиев.

Настанот, што се одржува на помалку од две недели пред годишниот самит на Европската унија со Кина во Пекинг, не е многу популарен во Брисел, затоа што го гледа како обид за поделба на Унијата. ЕУ воедно се спротивставува на кинескиот притисок, на состанокот во Пекинг да се согласи на заеднички став против трговската политика на САД.

Кина негира дека сака да ја ослабе ЕУ.