Професорот по безбедност, Златко Кескоски, кој е влезен во бизнисот со канабис, беше гостин во „Што не е јасно“ на Алфа телевизија. За бизнисот за одгледување канабис Владата ги стимулираше компаниите да инвестираат во тој бизнис, но од друга страна Законот моментално е блокиран.
Кескоски, кој е директно инволвиран како извршен директор во компанија која произведува канабис за медицински цели, рече дека доколку не се донесе Законот за медицински канабис до следната недела, производителите, односно бизнисмените со медицински канабис ќе излезат на протест.
Имаме одлука на Здружението дека како што кажа и Дуковски, претседателот на Здружението, дека ние ќе преземеме порадикални мерки. Првенствено е да направиме протести и ќе направиме протести со сите вработени бидејќи верувајте дел од нашиве колеги имаат веќе испуштање од работа. Нема што да прават. Растат три години, дел екстахираат, меѓутоа она што го растат и она со кое што можат да се справат, фидбекот назад, создаваат само оперативни трошоци секојдневно, немаат можност да излезат на европскиот пазар, изјави тој.
Кескоски рече дека цветот од канабис мора да се ослободи за извоз поради тоа што компаниите кои власта ги стимулирала, се спремале за извоз на цвет, не се спремале за екстракција и природен производ.
Тој тврдеше дека Владата на СДСМ ги насочила компаниите и ги стимулирала кон тој правец пред една година и 4 месеци со донесување на Закон и со изјави на премиерот и министрите.
Ако нема придобивка од овие порадикални мерки, сите оние коишто имаме странски капитал во фирмите, а грото од нив се над 70%, се спремни да тужат. Сите имаат комуникација со амбасадите од каде што доаѓаат. Ви го кажувам она што е дискутирано на состанок на Здружението, сите оние коишто имаат странска инвестиција, а комуницираат со сопствените амбасади – една и втората мерка е да поднесат тужба во Меѓународен Суд, дециден беше Кескоски.
Тој рече дека од Здружението на производители на медицински канабис „Макканабис“ пред две недели барале да се донесе промена на член во Законот, како најбрзо решение. Од страна на премиерот на претставници од Здружението им било ветено дека Законот ќе се врати назад во владина и собраниска процедура. Кескоски потенцираше дека доколку Законот не биде донесен, последиците ќе бидат страшни, 99% од компаниите за производство на медицински канабис ќе затворат.