Економија 22. декември 2018. / 17:45

Канадската компанија ќе произведува канабис во Македонијa

Канадската компанија ќе произведува канабис во Македонијa

Канадската компанија од Ванкувер, ICC International Cannabis Corp, ќе произведува канабис и производи од канабис од Македонија и истиот ќе го извезува во Европа откако вчера соопшти дека е склучен дефинитивен договор за стекнување на 100 отсто од сопственоста над Balkan Cannabis Corp, која веќе ги има потребните лиценци за одгледување и екстракција на канабис во Македонија.

-ICC International Cannabis Corp. ќе ја искористи широката мрежа на Balkan Cannabis, за да го искористи вториот бран на легализација на канабисот во Европа, се вели во соопштението на компанијата. На Балканот единствено само во Македонија и Бугарија е легализирано одгледувањето на марихуаната за медицински цели, а тоа канадската компанија сака да го искористи за пробив како главен извозник во Европа.

Според условите на договорот компанијата ќе издаде 61.000.000 акции, се вели во извештајот. Balkan Cannabis Corp има подружница со 67% учество во Македонија, каде има ексклузивен договор со постоечки лиценциран објект за преработка кој се наоѓа на парцелата од 30 хектари во Валандово. Подружницата, исто така, има единствена лиценца за преработка на лековити масла од канабис во Македонија и е во процес на градење на првиот индустриски капацитет за експлоатација во земјата. Македонскиот фармацевтски пазар се проценува на над 165 милиони долари годишно, според податоците од соопштението.

-Нашата амбиција е да станеме пан-европски извозник на медицински канабис и производи од коноп, како и да се етаблираме  како континентален производител за да одговориме на зголемената домашна побарувачка, рече компанијата.

Balkan Cannabis, исто така, поседува 50% во бугарска компанија, која поседува лиценци за производство и извоз на коноп и медицински канабис. Бугарската компанија поседува парцелa од 15.000 хектари, со двегодишна опција да се здобијат со дополнителни 15.000 хектари. Деталните планови за финансирање на бугарските и македонските капацитети се очекува да бидат објавени во јануари 2019 година.